28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Оставката на Заев ќе создаде проблеми на иднината, домашни и странски политичари со притисок до Заев

Голем дел на сопартијци, коалициони партнери, но и странски политичари го повикаа премиерот Зоран Заев да ја преиспита и промени одлуката да си даде оставка од премерската позиција.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, изрази загриженост дека оставката на Заев ќе создаде проблеми за земјата, но и притисок врз Договорот од Преспа.

„Ако има владина промена ова сигурно ќе донесе голем притисок врз Договорот, врз правилното спроведување на Договорот од Преспа што е прашање за нас. Но, сметам дека ќе создаде повеќекратни проблеми за самата Северна Македонија во врска со нејзиниот европски тек“ рече Варвициотис.

Надворешнополитичкиот гласноговорник на претеничката група на германските социјалдемократи (СПД), Нилс Шмид денес истакна дека оставката на Заев е лоша вест за реформските напори започнати во Северна Македонија, но исто така тој потенцираше дека тоа е лоша вест и за европскиот проект.

„Оставката на Заев е тежок удар, не само за европската социјалдемократија, туку и севкупно за проширувањето на ЕУ. Не смееме да го потценуваме разочарувањето на младата, европски ориентирана генерација кое го произведува недоволната поддршка за социјалдемократските, реформски ориентирани политичари како Заев“ заклучува германскиот политичар.

Иницијативата во СДСМ, за Заев сепак да остане на чело на партијата прв ја покрена пратеникот Мартин Костовски.

„Јас, Мартин Костовски, претседател на ОО СДСМ Куманово, од денеска поднесувам иницијатива кај сите социјалдемократи во државата за поддршка на претседателот Зоран Заев. Недвосмислена и безрезервна поддршка да остане на лидерската позиција во СДСМ. Искрено и чесно, одговорно и храбро, многу дадовме за овие 5 години за Македонија, за СДСМ“, вели Костовски, кој доби поддршка од партиските функционери и членството.

Против оставката на Заев излегоа и коалицините партнери од Владата, меѓу кои највпечатлив беше лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој истакна дека пред државата се сериозни предизвици, за кои Заев е потребен.

„Никако не смее да даде оставка. Државата има многу сериозни предизвици. Заев има мандат и не може да се повлече. Имаме владина програма. Имаме сериозни проекти кои сме ги ветиле“ кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети.