24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

БЕСА, Алијанса и Алтернатива на тест – дали ќе поддржат укинување на Охридскиот рамковен договор

По дваесет години од потпишувањето на договорот со кој се стави крај на внатрешниот воен конфликт и меѓуетничките тензии во државата, дел од албанските партии како БЕСА, Алијанса за Албанците и Алтернатива решија да седнат на една маса со поткопувачите на Охридскиот рамковен договор. Овој договор, со кој етничките заедници во земјава уживаат поголеми права, но и се обезбеди мир, од партијата Левица најавуваат дека ќе го укинат. 

-Укинување на Охридскиот рамковен договор како извор на консоцијалниот (сегрегирачки) етничко-трибалистички карактер на политичкиот систем на Македонија и враќање на чисто мнозинскиот карактер, со практикување на демократијата како стандард за современите демократски заедници, се вели во дел од програмата на Левица. 

Токму овој договор се најде и во уредбата на американскиот претседател Џо Бајден, каде се наведува дека секој што ќе работи на негово минирање ја поткопува регионалната стабилност и ќе се најде на црната листа на САД. Сепак, заедно со Димитар Апасиев од Левица од каде најавија негово укинување, на една маса седнаа и Аријанит Хоџа од БЕСА, Африм Гаши од Алтернатива, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, но и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Охридскиот рамковен договор беше заокружен со Законот за употреба на јазиците, а со неговото имплементирање значително се унапредија јазичните права на Албанците, но и покрај тоа БЕСА, Алијанса за Албанците и Алтернатива најдоа заеднички јазик со оние кои тврдат дека овие права ќе ги поништат.

-Поништување на двојазичноста, како резултат на октроираната т.н. Тиранска платформа и враќање на јазичните права на малцинствата во рамки на Уставот, гласи дел од програмата на Левица.

Засега нема никаква реакција од албанските политички партии од новото парламентарно мнозинство во кое членува и Апасиев како ќе постапат при евентуална иницијатива на Левица за поништување на јазичните права, но и онаа за правичната застапеност, преку која голем број етнички Албанци се дел од државната и јавната администрација.

-Укинување на „правичната застапеност“ и позитивната дискриминација по етничка основа и нејзина замена со позитивна дискриминација по социјална основа, е уште едно од дадените ветување на Левица пред своите гласачи.