„На 31ви, Општина Росоман ќе остане прогресивна општина, обединета која ќе го зграпчи убавото кое доаѓа пред нас, европската иднина и економскиот развој.
Вие граѓаните во Општина Росоман, знаете многу добро, разликата меѓу СДСМ и ВМРО е огромна, како небо и земја. Водиме 200 гласа во првиот изборен круг, а во вториот круг ќе ги победиме со најмалку 500 гласа“, им порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на граѓаните на Росоман на денешната средба заедно со кандидатот за градоначалник Стојан Николов.
„Животот на граѓаните зависи од општините, општинската администрација, училиштата, градинките, комуналните претпријатија и со новите надлежности опфатени со третата фаза на децентрализација, важно е какви градоначалници ќе ги водат општините. Во Росоман го имаме еден од најдобрите кандидати, млад, енергичен човек, упатен, образован, другар, пријател, со огромна љубов и жар да се вгради, натпреварува со другите општини и да биде победник“, рече претседателот Заев и додаде дека сите крупни прашања на државата се решени и продолжува подигнувањето на економскиот стандард.
„Имавме храброст да ги решиме сите досега отворени прашања, ама покажавме дека сме и патриоти. Го заштитивме и македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Признаени сме од целиот свет, сме земја членка на НАТО, европски и економски исправена. Платите и пензиите растат. Сите плати за најмалку 6.000 денари се покачени за четири години, а само во последните шест години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беа 1.740 денари. Минималната плата од 9.000 денари ја покачивме на 15.200 а веќе од 1 јануари ќе ја покачиме на 18.000 денари, директно со поддршка и помош на компаниите, за да може да ги издржат платите. Пензискиот фонд е стабилизиран, гарантира пензии за сегашните и идните пензионери. Од 1 јануари ќе го воведеме и вториот критериум – како растат платите да растат и пензиите. Секој први јануари и секој први јули ќе има покачување меѓу 300 и 700 денари покачување два пати годишно. Субвенциите ги насочивме кон индивидуални земјоделски производители, субвенциите се наплаќаат навремено и се зголемени“, заклучи претседателот Заев и ги повика сите да гласаат за бројот 12, за Најдоброто за да продолжи прогресот и развојот во Општина Росоман но и во целата држава.