24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Да се обединиме за да одиме напред, на 31 октомври народот одлучува дали е за слобода и демократија или за молк и режим

„Селата и градовите, вклучително и Градот Скопје, во цела наша земја не може да влечат назад преку своите први луѓе, а Владата да води напред. Еве низ примерот на Скопје. Скопје ни е сé, ама баш сé, што ни е и Северна Македонија“, рече претседателот на СДСМ Заев одговарајќи на новинарско прашање како ќе продолжи државата на патот кон Европската Унија, „Отворен Балкан“.

„Јас можам, а и Влада предводена од мене да го чувам, негувам и унапредувам концептот „Едно и еднакво општество за сите“, да обединувам, ако Скопје не даде поддршка на спротивното од тоа. На тие што се националисти, што разединуваат, па макар колку сака да се скриени позади наводно независна кандидатка, па макар колку сака да се замаскирани, позади коалиции со единствена цел: власт, моќ и пари. Јас можам, а и Влада предводена од мене да успеваме во интеграциските процеси, ако скопјани каде што е најинформираниот и најупатениот наш народ, не дадат поддршка со мнозинство гласови на тие кои веднаш ќе не скараат со Грција, Бугарија, со Албанија, со Србија, со Косово и со остатокот од светот.

Јас можам, а и Влада предводена од мене да продолжи да го помага развојот на Скопје преку нови паркови, мостови, булевари, забавни паркови, пречистителни станици, инвертери ако скопјани во мнозинство не дадат поддршка на тие што ќе прават нов кичерај, споменици, шмизли, златни огради и слично.

Народот на 31 октомври ќе одлучи дали е за да продолжиме по патот напред или ќе се враќаме во минатото, кое добро го знаеме. И тоа минатото и на локално но и на централно ниво. Народот на 31 октомври ќе одлучи дали е за слобода, демократија, интеграции и дома и во ЕУ или е за молк, режим и нови поделби дома и кавги со соседите и светот. На 31 октомври народот всушност ќе ја донесе одлуката за се, целосно комплетно. Народе мој, демосот во демократијата одлучува. До народот, до секој од вас, до нас поединечно и персонално, да не се враќаме назад. Да се исправиме.

Да се обединиме и да одиме напред. Борбата не чека. Борба за подобар економски стандард, борба за интеграција во ЕУ, за подобро владеење на правото, за повисоки плати и пензии, за повеќе среќа дома, а не нови кавги, поделби и уназадувања. Сограѓани мои одиме напред. Ајде на гласање на 31 за напред. За „Најдоброто“, порача претседателот на СДСМ Заев.