6. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

„Тиквеш“ и годинава откупи најмногу грозје по повисоки цени од просечните

Анализата на податоците од годинешниот откуп покажуваат дека винарската визба „Тиквеш“ и оваа година откупи најголема количина грозје, по повисоки цени во однос на просечните цени за вкупната реколта.

Имено, од 92 милиони килограми грозје, колку што вкупно се откупени оваа година, „Тиквеш“, со откупени 25 милиони килограми, што е повеќе од 25% од вкупниот откуп, има најголемо учество во однос на останатите откупувачи. При тоа, просечна цена за вкупната количина грозје откупена од „Тиквеш“ изнесува 13,4 денари за килограм и е повисока од просечната цена од 11,9 денари што ја постигнале сите винарници заедно.

Според податоците, „Тиквеш“ постигнал и највисоки просечни цени за сортите вранец и смедеревка, кои традиционално имаат најголемо учество во откупот. Конкретно, „Тиквеш“ за откупениот вранец постигнал просечна цена од 13,6 денари, при што просечната цена на вранецот наменет за производство на квалитетни црвени вина достигнал 14 денари за килограм, а за производство на розе вина – 12,7 денари за килограм, што е повисоко од просечната цена за ова сорта што ја постигнале сите винарници заедно, а која изнесува 11,8 денари. Слична е и ситуацијата кај откупот на смедеревката, каде „Тиквеш“ постигнал просечна цена од 11 денари за килограм, што е за еден денар повисоко од вкупната постигната просечна цена за откупената смедеревка.

За откупеното грозје од другите сорти, „Тиквеш“ постигнал дури и повисоки цени, кои во просек достигнуваат и 16,5 денари за килограм откупено грозје од сортата ризлинг, 16,4 денари за шардоне, 16,1 денари за рајнски ризлинг, по 17 денари за сортите мерло и каберне совињон и 19,7 денари во просек за откупеното грозје од сортата темјаника. Сите овие постигнати цени во просек се повисоки, некаде и неколкукратно, во однос на вкупните просечни цени за годинешниот откуп.

„Ваквите податоци се најдобриот показател и доказ дека „Тиквеш“ ги исполнува ветувањата кон своите партнери – лозарите. Оние што ги почитуваа и се раководеа според утврдените параметри за квалитет на грозјето беа наградени со многу повисоки цени за предаденото грозје од просечните, што секако е посакуван резултат кон кој треба да се стремат сите“, изјави претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски.

Тој напоменува дека „Тиквеш“ и понатаму ќе остане доследен на својата стратешка определба соодветно да го стимулира и наградува квалитетот, затоа што најважен предуслов за производство на врвно вино е токму квалитетното грозје.

„Како општествено одговорна компанија „Тиквеш“ од своја страна и понатаму ќе продолжи доследно да ги почитува сите преземени договорни обврски кон лозарите, но со право го очекува истото и од нив. Истовремено, ние и понатаму ќе продолжиме да инсистираме во Министерството за земјоделство, во Владата и кај останатите релевантни чинители, да се воведат светски стандарди во лозарството и винарството во Македонија, што значи и воспоставување систем за поддршка на развојот на овие гранки кој нема да зависи од политиката и интересите на поединци, туку исклучиво од пазарните механизми. Само така ќе можеме да бидеме конкурентни на светските пазари и на вистински начин да ја промовираме земјата како производител на висококвалитетно вино“, дециден е Јаневски.

Можеби ќе ве интересира

„Тиквеш“ годинава со рекорден откуп и највисока просечна цена

M T

„Голдман Сакс“: Цените на гасот во Европа оваа зима веројатно ќе се преполоват

M T

Поскапени брашното, маслото, цените во Австрија вртоглаво растат

M T

Влада: Расте откупната цена на грозјето, годинава за 30% повисоки цени за вранецот и смедеревката

M T

СДСМ: Цените повисоки за 9% а минималната плата повисока за 100%

M T

Поскапуваат цените на горивата

M T