Претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, ја претстави новата платформа и петте клучни ветувања, што од партијата ги нарекуваат 5 завети, до кои кандидатите за градоначалници ќе се придржуваат.
Во обраќањето, Ахмети порача дека изборната кампања треба да покаже како кандидатите ќе ја развијат уште повеќе нивната општина, но и како ќе ги вклучат граѓаните повеќе и ќе го слушат секојдневно нивниот глас.
„Се договоривме сите кандидати да се придржуваме на зелената агенда за да го подобриме квалитетот на живеењето. Зеленото подразбира чисти општини без отпадоци по улиците и населбите. Зеленото значи чиста вода за пиење во сите општини. Зеленото значи чист воздух за нас и за нашите деца. Зеленото, драги пријатели, е живот. Но истовремено подразбира и модерна патна инфраструктура, чиста и евтина енергија за сите граѓани создавајќи одржливи работни места за поттик на нашата економија“, рече Ахмети.
Петте точки до кои кандидатите за градоначалници ќе треба да се придржуваат, како што посочи Ахмети се: зелената агенда; дигиталната агенда; агендата на отворена вратa; aгендата на вклучување на граѓаните и агенда нула – што подразбира нула отпад, нула злоупотреба, нула лошо менаџирање, нула корупција, нула кучиња скитници, нула недостаток на паркинг, нула градби без дозволи, нула негрижа за граѓаните.
„Овие пет завети не се само едно изборно ветување на нашите кандидати за градоначалници, но се нов задолжителен код на нашето однесување. Квалитетен живот за сите граѓани. За ова ќе ги држиме за збор сите градоначалници. Нашите правци секогаш сме ги избирале заедно. Денес го избираме зеленото, го избираме животот, затоа што ова е најдоброто за нас и за идните генерации“, порача Ахмети.