Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Најдовски: Демир Хисар со силен инвестициски циклус – над 90 милиони денари за модернизација на патната инфраструктура

Прес на Никола Најдовски, градоначалник на Општина Демир Хисар:

Почитувани сограѓани,
Пред скоро една година, со ваша доверба, повторно ја добив честа и одговорноста да ја извршувам функцијата градоначалник на Општина Демир Хисар.
Вашата поддршка беше признание за досегашната работа, но и обврска да продолжиме по патот на развојот и создавањето подобри услови за живот на секој граѓанин на Демир Хисар.

Првата година од вториот мандат ја одбележаа континуирана работа, значајни проекти, нови инвестиции и конкретни мерки за граѓаните. Инвестиравме во инфраструктурата и во комуналните услуги, образованието, спортот и културата, животната средина и социјалната заштита, а преку субвенции и други мерки обезбедивме директна финансиска поддршка за нашите сограѓани, особено за младите.

Посебен акцент ставивме на рамномерниот развој на целата општина, затоа што Демир Хисар не е само градот, туку и сите наши населени места, секое семејство и секој човек кој својот живот го гради тука.

Во изминатиот период вложивме над 90 милиони денари и изградивме и реконструиравме повеќе од 10 километри улици и патишта. Тоа е најголемото годишно вложување во патната инфраструктура во Општина Демир Хисар досега.

Целосно го реконструиравме општинскиот пат Демир Хисар – Вардино и општинскиот пат до Жван, а, реконструиравме и изградивме улици во Смилево, Загориче, Бараково, Сладуево, Стругово, Белче и Единаковци. Во градот, целосно ги реконструиравме улиците „Маршал Тито“ и „Велко Влаховиќ“, а паралелно со реконструкцијата, изградивме тротоари и уредивме нови паркинг-простори. Со тоа добивме не само подобри улици, туку и побезбедно движење за пешаците, подобри услови за возачите и поуреден јавен простор.
Средствата ги обезбедивме од повеќе извори на финасирање – преку двата јавни повици на Владата за инфраструктурни проекти, преку Светската банка, но и со сопствено финансирање од Буџетот на Општината. Тоа ни овозможи за краток период да реализираме голем број проекти и да направиме сериозен исчекор во локалната патна мрежа.

Но, вложувањата во патната инфраструктура продолжуваат. Следуваат реконструкција на патот Демир Хисар – Манастир „Св. Јован Претеча“ – Слепче, рекострукција на главната и изградба на шест споредни улици во Суводол и Кутретино, улици во Вирово, ул.„Партизанска“ во Демир Хисар, општинскиот пат до Обедник, како и изградба на патот Сопотница – Манастир „Св. Атанасиј“.
Во изминатиот период значително ги зајакнавме и техничките капацитети на Општината и ЈКП „Комуналец“. Обезбедивме 3,5 милиони денари за трактор со приклучна механизација преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а преку Министерството за локална самоуправа набавивме нова градежна машина – ровокопач со утоварна корпа, вредна 5.215.000 денари, од кои 3,5 милиони се обезбедени преку Министерството, а 1.750.000 денари се сопствено учество на Општината. ЈКП „Комуналец“ доби и две нови возила за собирање и транспорт на отпад, како донација од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во Стругово го решивме проблемот со водоснабдувањето со изградба на нова препумпна станица, а во следниот период планираме реконструкција на водоводната мрежа во Слепче и Загориче.

Инвестиравме и во образованието. Во сите образовни институции реконструиравме училници и тоалети, набавивме нови клупи и столчиња, паметни табли, телевизори и дидактички материјали. Се подобрува и енергетската ефикасност преку замена на грејни тела и поставување ПВЦ дограма. Континуирано се одржуваат и спортската сала и спортските терени, со што создаваме подобри услови за наставата, спортските активности и секојдневниот престој на децата.

Покрај тоа, Изградивме и нов спортски комплекс со тениски и баскет терен, вреден 11 милиони денари – 8 милиони обезбедени преку јавниот повик на Владата и 3 милиони сопствено учество на Општината. Со овој комплекс добивме нов простор за спорт и рекреација, но и одлично место за одржување на спортски натпревари и турнири. Општината продолжува да ги субвенционира и нашите фудбалски клубови, ФК „Демир Хисар“ и ФК „Полет“.

Поддршката за граѓаните ја зголемивме преку сите општински субвенции. За новороденчиња издвојуваме 10.000 денари за прво, 12.000 за второ и 15.000 денари за третородено дете во семејството. Субвенцијата за првачињата е зголемена на 7.000 денари, а за првпат воведовме и 10.000 денари за секој ученик запишан во гимназиска струка во Средното општинско училиште.

За социјално загрозените семејства оваа година општината издвои 1.200.000 денари, а Обезбедивме и финансиска поддршка за дваесетина невладини организации и здруженија, помагајќи им за реализација на нивните активности и проекти.
Посебно ја издвојувам мерката за бесплатен јавен превоз во летниот период, организиран во соработка со ЈП „ДЕХИ ТРАНС“, со кој на жителите од подалечните населени места им овозможивме полесен и бесплатен пристап до градот.
Во пресрет на грејната сезона, Општината ќе распише јавен повик за субвенции за набавка на клима-уреди, со цел поефикасно греење и ладење и почиста животна средина.
Во културата направивме значаен исчекор со набавка на професионален кинопроектор и повторното отворање на киното во Домот на културата „Илинден“. По речиси 20 години, Демир Хисар повторно има кино. Проектот го реализиравме со поддршка од Владата на Швајцарија и невладината организација Про Локал од Битола. Паралелно, продолживме со финансиска поддршка на Демирхисарското културно лето и реализација на бројни културни настани, концерти и хепенинзи, со што културниот живот во Демир Хисар го направивме поразновиден и поактивен.
Почитувани,
Општина Демир Хисар минатата година беше рангирана на првото место според Индексот на транспарентност. Тоа е признание, но уште повеќе е обврска да продолжиме отворено, одговорно и транспарентно. За нас транспарентноста не е само резултат од рангирање, туку начин на работа и однос кон граѓаните.

На крај, сакам јавно да им се заблагодарам на Владата на РМ, ресорните министерства и институции за поддршката и одличната соработката, како и на вработените во Општината и јавните претпријатија за нивната посветеност и секојдневниот ангажман.
Убеден сум дека заедно можеме уште повеќе за Демир Хисар. Тоа е наша обврска и продолжуваме посветено да ја исполнуваме.
Ви благодарам за вниманието.