Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија Бизнис

НБРМ: Финансискиот сектор добро се справува со ризиците од корона-кризата

Домашниот финансиски сектор во целина досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнувањето на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за стабилноста и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесноста и натаму е присутна, затоа е важно финансиските институции да продолжат да се однесуваат со внимание и да одржуваат соодветни нивоа на капитализираност и ликвидност.

Ова се дел од заклучоците во Извештајот за финансиска стабилност во Република Северна Македонија за 2020 година, којшто вчера беше усвоен од страна на Советот на Народната банка, на редовна седница.

Како што е констатирано во Извештајот, и покрај изразените влијанија на пандемијата, ризиците поврзани со секторот „домаќинства“ останаа во контролирани рамки, за што придонес имаа мерките за ублажување на ефектите врз пазарот на трудот и зачувување на расположливиот доход на домаќинствата. Зголемената неизвесност и мерките за ограничување на движењето влијаеја за пад на личната потрошувачка и раст на штедењето, што домаќинствата главно го насочуваа во банките. И во 2020 година, задолженоста на домаќинствата беше умерена и главно се темелеше врз кредитите на домашните банки. Важно е што домаќинствата ја задржаа способноста за редовно намирување на долгот, што придонесе за одржување на квалитетот на кредитното портфолио на банките.

Задолженостa на корпоративниот сектор умерено се зголеми во 2021 година, но таа и понатаму останува во умерени рамки и под прагот на ранливост, кој е утврден согласно со пристапот на Европската комисија. Сепак, потребна е внимателност поради продолженото времетраење на пандемијата коешто може да се одрази врз влошување на финансиските остварувања на секторот. Овој сегмент се соочи со пад на приходите и намалување на профитабилноста, но мерките што се донесоа како одговор на пандемијата го ублажија притисокот од ликвидносниот шок и спречија негово прелевање врз солвентноста на секторот.

Како што е истакнато во усвоениот извештај, меѓусекторската поврзаност на одделните институционални сегменти на финансискиот систем и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на ниско ниво.

Банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и сигурноста во работењето, се наведува во Извештајот. Притоа, тој оствари раст на активностите и придонесе за ублажување на економските последици од корона-кризата. Растот на изворите на финансирање, главно придвижен од растот на депозитите на домаќинствата, банките го насочија кон продолжено кредитирање на приватниот сектор, во поголем дел кон домаќинствата, но и кон корпоративниот сектор. Солвентноста на банкарскиот систем е стабилна и забележа натамошно подобрување, исто како и ликвидноста. Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа, со натамошно задржување на стапката на нефункционални кредити на релативно ниско ниво.

Во Извештајот се посочува дека за добрата подготвеност на банкарскиот систем за справување со шокови важна улога има внимателното однесување на самите банки, но исто така и зајакнувањето на регулативата во преткризниот период, што придонесе за натамошно јакнење на солвентноста и на ликвидноста на домашните банки.

Согласно со заклучоците во Извештајот, капитално финансираното приватно пензиско осигурувањеи во текот на 2020 година продолжи да остварува раст на акумулираните средства и позитивни стапки на принос, иако забележително намалени под влијание на пандемијата и променливоста на финансиските пазари.

Во рамки на осигурителниот сектор, во Извештајот се нотира дека пандемијата главно се одрази преку намалена побарувачка на осигурителни полиси, додека ризиците од загуби во инвестирањето останаа ограничени поради конзервативната политика на вложувања на друштвата за осигурување, во помалку ризични и ликвидни инструменти и ниската изложеност на меѓународните финансиски пазари.

Останатите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва), како што е нагласено во Извештајот, и натаму вршат мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност.

Можеби ќе ве интересира

СЗО: Европа повторно е епицентар на пандемијата

M T

Во Словенија рекорден број новозаразени од почетокот на епидемијата

M T

СЗО објави колку долго може да трае пандемијата

M T