Сојузот на средношколци денеска на онлајн состанок со министерката Мила Царовска, ја поздрави одлуката на Владата за започнување на новата учебна година со физичко присуство под протоколи за заштита на здравјето. Од Сојузот сметаат дека наставата со физичко присуство на учениците е најдобар интерес за процесот на образование, за социјализацијата и заштитата на менталното здравје.
„Задоволни сме од донесената одлука, бидејќи ние и минатата учебна година се залагавме училиштата да останат отворени. Се надеваме дека сите заеднички со почитување на мерките за заштита и протоколите ќе придонесеме за настава во училишни клупи колку што е можно подолго“, рече Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколците.
Министерката и средношколците на состанокот го разгледаа здравствениот протокол за настава со физичко присуство во средните училишта и разговараа за негово надополнување со дополнителни мерки со цел да се обезбеди поголема заштита на учениците, наставниците и родителите.
Министерката Царовска на состанокот истакна дека учениците се еден од најважните партнери на МОН во креирањето на образовните политики, но и мерките за заштита од пандемијата.
„Навистина ми е драго што ќе имаме можност новата учебна година да ја започнеме со физичко присуство, бидејќи ние сме земја којашто најдолго ги држеше училиштата затворени поради пандемијата со Ковид-19. Главниот координативен кризен штаб оцени дека се создадени услови за настава со физичко присуство, за што вчера и Владата донесе одлука“, рече Царовска.
Министерката апелираше до средношколците и наставниот кадар доследно да ги почитуваат мерките за заштита и да се придржуваат на протоколите, бидејќи само така може училиштата подолго да останат отворени.
Освен со сценариото за наставна со физичко присуство на сите ученици, МОН уште од месец јули е подготвено со уште две резервни сценарија кои се лесно применливи доколку се појави потреба од нив. Едното е хибридниот модел кој се применуваше минатата учебна година – дел од учениците да следат настава со физичко присуство, додека останатиот онлајн. Другото резервно сценарио е примена на систем на ротација – со менување на групи ученици на една недела со физичко присуство и онлајн.