6.8 C
Скопје
9. декември 2021
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија ТОП ВЕСТИ

Митрески: За јазикот и идентитетот нема преговори, поднесовме амандман за резолуцијата да биде уставна

Обраќање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески:

Почитуван претседател на Собранието, почитувани колеги и колешки пратеници,

Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската посебност се меѓународно признаени и потврдени, влезени во нашата лична карта во Организацијата на Обединетите нации.

Нашите меѓународни позиции се јасно поставени и не знам колку пати јавно повторени – за македонскиот идентитет за македонскиот јазик, македонската посебност немало, нема и никогаш нема да има преговори.

Едноставно, тоа е така затоа што не може да се преговара за нешто што е неспорен факт. Денеска, за целиот свет ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик.

Имавме стотици изјави, стотици прес-конференции и овде од Собранието и надвор од него дека за фактот дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик не треба да се разговара во ова Собрание.

Но, сепак, како пратеници од парламентарното мнозинство прифативме и ја прифаќаме резолуцијата предлог на колегите од ВМРО-ДПМНЕ со две цели:

Прво е да ставиме крај на сите лажни вести за некакви наводни национални предавства и таа е помалку битната затоа што граѓаните за тоа знаат дека не е точно, знаат дека таа е само една обична лажна вест.

Поголемата и поважната причина е тоа што го спомна и колегата Муцунски дека треба да излеземе пред граѓаните и да им кажеме да нема никакви дилеми затоа што ние имаме јасна цел, нашата јасна цел како држава и како граѓани е евроатланскиот пат и ние ќе станеме членка на ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик.

За оваа декларација да биде согласно Уставот, неколку колеги пратеници поднесовме амандман за да може да биде објавена во службен весник односно во неа да стои уставното име на државата.

Ние во минатиот состав како пратеници и во овој состав сите гласавме заедно со 116 гласа ЗА Република Северна Македонија да стане членка на НАТО, како Македонци кои зборуваат македонски јазик станавме членка на НАТО, КАКО Македонци кои зборуваат македонски јазик со македонски идентитет ние ќе станеме земја членка и на Европската Унија.

Почитувани колеги пратеници, почитувани граѓани,

Нашата држава мора, потребно е да се движи напред, потребно е да бараме решенија за отворените прашања со Република Бугарија во рамките на Договорот за соработка и добрососедство со неповредување на нашите јасно поставени црвени линии во однос на јазикот, идентитетот и посебноста.

Ние немаме ниту некогаш сме имале алтернатива за ЕУ и НАТО.

Ова парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, Владата предводена од СДСМ се силно посветени на заштита, на неповредливост на македонскиот јазик, идентитет и посебност.

Во овие четири години покажавме дека знаеме да ги заштитиме нашите црвени линии а во исто време да обезбедиме интеграција во најсилниот политички-безбедносен сојуз НАТО.

Покажавме посветеност во процесот на носење на реформи со кои ги достигнавме европските критериуми и го унапредивме квалитетот на живот дома.

Неколку пати од страна на највисоките претставници на ЕУ, од органите на ЕУ беше потврдено дека сторивме се за да ги започнеме преговорите за пристапување кон Унијата.

Сите европски лидери, јасно кажуваат дека Република Северна Македонија треба да ги започне преговорите за членство. Сепак, поради нелогичните, банални блокади од Софија овај процес е заглавен.

Тоа меѓу другото е проблем и на ЕУ која мора да покаже одговорност, прагматичност и да испорача почеток на преговори.

Не само заради нас како држава туку поважно затоа што ги исполнуваме критериумите и она што е најважно затоа што сите искрено веруваме во тие европски вредности.

Без разлика кога и да се случи, ние овде продолжуваме со процесот на европеизација дома.

Тоа значи уште поголема посветеност на спроведувањето реформи во секој сегмент од живеењето, тоа значи да ги донесеме европските стандарди дома.

Не треба да чекаме одлуки од ЕУ за да продолжиме со реформите, затоа што тие се важни за евроинтеграцијата, но уште повеќе се важни за нас како граѓани, за нас како држава.

Заштитата на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, напредокот во евроинтеграциите се нашите врвни приоритети како пратеници на коалицијата во мнозинството во ова Собрание.

Уште еднаш, повторувам, пратеничката група на СДСМ и коалицијата во ова Собрание ќе гласа за Предлог Резолуцијата, за нас нема компромис кога се работи за заштита на идентитетските црвени линии.

Тоа сме го покажале и докажале на дело многу пати досега и ќе го докажеме и покажеме секој пат кога ќе се појави таква ситуација.

Можеби ќе ве интересира

Груби – Томан: Преговорите со ЕУ да почнат на почетокот на 2022 година

M T

Груби-Линхарт: Северна Македонија заслужува отварање на преговорите со ЕУ

M T

Видео обраќање на Шилегов: Во недела изберете развој на Скопје, демократска и отворена власт

M T