Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска од Лисабон каде престојува во прва официјална посета на наш министер за одбрана на Португалија во изминатите 30 години, порача дека бројните успешни средби на министерско и армиско ниво, отворија пат кон одбранбени односи и поголема политичка соработка помеѓу двете земји.
„Португалија беше една од земјите членки на НАТО која прва ги започна процесите на ратификација на нашиот НАТО договор што беше гест на голема пријателска поддршка и шанса за збогатување на нашата билатерална одбранбена соработка. Затоа и разговаравме како да ги збогатиме одбранбените односи и како да поставиме шанса и за поголема политичка соработка помеѓу нашите две земји“, рече министерката.
Шекеринска истакна дека веќе е иницирано потпишување на Договор за одбранбена соработка и дека првите чекори кон интензивирање на меѓусебните одбранбени односи ќе бидат заедничките вежби помеѓу специјалните сили и во доменот на сајбер – одбраната.
„Договоривме дека првите чекори во одбранбената соработка ќе бидат заеднички вежби помеѓу нашите специјални сили, но исто така и зголемена соработка во делот на сајбер одбраната, тема која што е важна за сите членки на НАТО и особено е важна за нас како 30-та нова членка на Алијансата“, истакна министерката.
Во однос на развојот на капацитетите за сајбер одбрана, министерката Шекеринска по посетата на НАТО Агенцијата за комуникации и информации во Лисабон, истакна дека наш кадар веќе посетува курсеви во овој центар кој дава одлична обука во доменот на сајбер одбраната.
„НАТО членството ни го понуди ова како нова шанса – да ја збогатуваме одбранбената, но да ја збогатуваме и политичката соработка со земјите кои што се важни во НАТО, но и земји кои што се важни во Европската Унија и таа шанса и овој пат ја користиме – да покажеме дека Северна Македонија е држава која стои на договореното, дека е држава на која што може да се смета и дека е држава која што вложува во својата одбрана, но вложува исто така и во вредностите на Алијансата“, заклучи министерката за одбрана.