Генералната оценка на најновиот извештај на Фридом Хаус, посветен на слободата во светот, е дека Владата на повторно избраниот премиер Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќе годишното претходно уназадување на демократијата, и дека сериозно прашање за државата е тоа што ЕУ не го одржа ветеното дека земјата ќе го започне процесот на преговори на крајот од 2020 година.
Во извештајот на Фридом Хаус „Слободата во светот“, годинашната оценка за државата е 66 од можни сто поени, што е за три поени напредок од лани. Последните три години Северна Македонија во сите извештати за нивото на слобода и демократија бележи позитивен напредок. Фридом Хаус својот став го поткрепува со поединечни позитивни оценки за неколку сектори.
Па затоа се нотира дека е забележан прогрес во поддршката на граѓанското општество со констатација дека дел од граѓанските организации кои застапуваат човекови права укажуваат на притисок врз нивното работење од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните поддржувачи. Извештајот констатира дека делувањето на граѓанските организации е слободнa и безбеднa со сериозни промени за разлика од периодот до 2017 година.
Уште една позитивна оценка Владата има и за подобрување на состојбата со медиумите, со оглед дека расте бројот на критички и независни медиуми особено на онлајн платформите. Во извештајот е наведено дека и понатаму некои медиуми се под влијание на политички и бизнис центри. Во однос на реформите во правосудството сугерираат дека е потребно да продолжи практикувањето на законските можности за зајакнување на независноста на судството.


