Во време кога есенскиот бран на пандемијата на коронавирусот е во полн налет, бројот на инфицирани расте, болничките капацитети се полнат, а здравствените работници се преморени, важно е сите да покажеме одговорност за сопственото и за јавното здравје, велат од СДСМ. И покрај сериозноста на ситуацијата, додаваат од партијата, состојбата е под контрола и никој нема да остане без здравствена нега.
„Сега е неопходно сите граѓани доследно да ги почитуваат мерките и задолженијата за заштита од коронавирусот. Само на тој начин заедно можеме да ја намалиме трансмисијата на вирусот и да го заштитиме јавното здравје“, велат од партијата.
Од таму велат дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и покрај обидите за опструкции од ВМРО-ДПМНЕ, ги донело измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Со овие измени, велат од СДСМ, стапуваат во сила новите мерки, кои се имплементирани во цела Европа и гарантираат повисок степен на заштита и намалување на ширењето на коронавирусот.
Мерките предвидуваат носење маска на отворено, групирање повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот е забрането, а угостителските објекти затвораат во 23 часот.
Исто така, преполовен е капацитетот на патници во јавниот превоз и важи препораката – ако е можно, да се работи од дома онлајн.
„Инспекциските служби имаат поголеми ингеренции, а непочитувањето на мерките се казнува. Самоизолација од моментот на закажување на тестот до добивање на резултатот е задолжителна, а во случај тестот да биде позитивен на Ковид-19, лицето останува во изолација. Со новите мерки е уреден и начинот на лекување на лица заболени од Ковид-19 во приватни установи. Интернисти од приватното здравство се спремни да учествуваат во работата во клиниките и болниците не само во Скопје туку и во државата“, велат од СДСМ.