Кумановец (86) бил потенцијална жртва на изманик кој му барал пари за неговиот зет да не оди во затвор, поради наводна сообраќајна несреќа, информираше денеска СВР Куманово.
Изманикот му барал 35.000 евра за да не оди зет му во затвор, бидејќи во наводната сообраќајка животот го загубил малолетен мигрант. Осумдесет и шестгодишниот кумановец се согласил да плати 10.000 евра, но се јавил на ќерка си која го информирала дека лицето, се обидува да го измами.
Ќерката (54) на повозрасниот човек, вчера во 9:30 го пријавила случајот во СВР Куманово.
– 54-годишна жена од Куманово пријавила дека на 14-ти септември, годинава едно лице се обидело да го измами нејзиниот 86-годишен татко за сума од 10.000 евра. Според пријавеното, лицето се јавило на нејзиниот татко и го известило дека неговите ќерка и зет направиле сообраќајна незгода во која починал малолетник мигрант, по што од него побарале 35.000 евра за да не оди зет му во затвор. Според пријавеното, 86-годишникот прифатил да им даде 10.000 евра, а откако тргнал на договореното место за примопредавање на парите, се јавил на ќерка му која го информирала дека немале направено сообраќајна незгода и дека лицето се обидува да го измами, се наведува во соопштението на СВР Куманово.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.