24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Јанушев: Ќе организираме отворени денови во општинските комитети и директни средби со граѓаните

„Разговори за обнова на Македонија“ покажаа дека граѓаните живеат тешко време исполнето со несигурност, револт и многу нерешени проблеми. Македонија е на погрешна патека, а власта само го троши времето. Секој изминат ден значи нови проблеми, нови осиромашувања, нов удар врз достоинството на нацијата и земјата, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

„Секој поминат ден значи нов нерешен криминал, нова неправда и несигурност за обичниот човек. Оваа власт владее со измами и лаги, а на сè што градеше поени, секоја клевета и лага се враќа како бумеранг. Патот кон Европа има многу предизвици, многу проблеми, но еден, се чини, е најголем, кој упорно турка наназад и ја одзема иднината. И тој проблем се вика Зоран Заев. Овој човек не умее да испорача резултати, а најмалку европска иднина. На граѓаните им е потребна обнова и затоа се спремни да се изборат како никогаш порано. Тоа го говори огромниот одѕив на граѓаните во акцијата, односно кампањата „Разговори за обнова на Македонија“, каде што досега над 15.000 граѓани се обратија со проблеми.

Тие се жалат на сиромаштијата, неправдите што стегаат, ударите врз достоинството и бесценетите работи што Заев и власта ги продаваат. Се жалат поради урнисаното земјоделство, иселувањето, криминалот и корупцијата и ударот врз бизнисот. И особено охрабрува огромниот интерес на над 15.000 граѓани, кои проговорија за она што ги мачи и побараа решение. Ова нас н2 обврзува да ја продолжиме оваа акција и да работиме уште поинтензивно, уште понапорно на решенија, кои ќе бидат дел од нашата нова програма.

Поради големиот интерес граѓаните да проговорат за проблемите, но и заедно да стигнеме до решенија, одлучивме „Разговори за обнова на Македонија“ да ги прошириме со уште две акции во корист на граѓаните. Првата е организирање отворени денови во рамките на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Втората е средби на микрониво преку директен и личен контакт преку месните заедници.

Ова значи дека покрај редовните посети во рамките на „Разговори за обнова на Македонија“ и отворените т.н. корнери, односно штандови, кои досега ги организираме во градовите каде што граѓаните може да ги споделат проблемите за кои ќе понудиме решенија, сега ја прошируваме активноста со уште две можности: отворени денови во општинските комитети и непосредни и лични средби во месните заедници.

Отворените денови почнуваат од утре, 16 октомври, во сите штабови на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ во Република Македонија и ќе продолжат секоја среда во периодот од 17 до 19 часот. Средбите во месните заедници во сите населени места во Република Македонија ќе се одвиваат за време на викендите почнувајќи токму од викендов, односно до 19-20 октомври.

Ги повикувам сите граѓани што го живеат ова тешко време да се приклучат и да земат учество во „Разговори за обнова на Македонија“. Огромниот одѕив досега за нас е обврска да продолжиме уште посилно и уште поорганизирано. Народот бара и ќе се избори за обнова. Годината што следува ќе биде година на промени“, порача Јанушев.