3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Откриена 14-члена криминална група, која организирала шверц на 400 мигранти од Грција

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, Националната единица за сузбивање шверц на мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ и СВР Струмица, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, спроведе координирана полициска операција со цел расчистување кривични дела што се однесуваат на организирање група за вршење кривични дела шверцување мигранти, кои преку јужната граница остваруваат нелегален влез во земјата, по што од членовите на криминалната група се прифаќаат и превезуваат до Кумановско-липковскиот Регион за натамошен транспорт кон север, соопшти Тони Ангеловски, портпарол на МВР, на прес-конференција.

„Криминалистичката истрага над организираната 14-члена криминална група, со дефинирана структура и строга хиерархиска поставеност, се спроведуваше во изминатите осум месеци, односно од март до октомври 2019 година. Оваа криминална група во периодот од март 2019 година до сега организирала шверц на 400 мигранти по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција, а меѓу кои имало и деца, стекнувајќи се притоа со значителна противправна имотна корист од 150.000 до 200.000 евра“, рече Ангеловски.

Кога мигрантите во земјата биле пренесувани илегално од територијата на Грција преку т.н. зелена граница во околината на Гевгелија и Дојран, со помош на водичи биле носени на претходно утврдени и договорени локации. Од овие локации членовите на групата ги прифаќале мигрантите со патнички и товарни возила и ги превезувале до локации во близина на с. Марвинци, с. Фурка, Богданци, Удово и Демир Капија. Оттаму се вршело прифаќање и превезување на мигрантите до однапред договорени локации на автопатот Куманово – ГП Табановце, од каде што биле прифаќани од други лица – нивни криминални соработници, и носени во кумановските села Ваксинце и Лојане, каде што биле привремено сместувани и засолнувани во објекти на соработници и помагачи на криминалната група, а потоа шверцувани преку северната граница кон државите на ЕУ.

Соработници во организираната криминална група биле и Б. Г., кандидат за полициски службеник, и Ф. А., полициски службеник, со цел добивање известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи.

„При реализацијата на оваа криминалистичка истрага претреси беа извршени во 12 објекти во Скопје, Гевгелија и во Валандово, а лишени од слобода беа девет лица. Едно лице веќе е во затворот ‘Скопје’, едно во КПУ ‘Идризово’ и едно е во затвор во Србија“, соопшти Ангеловски.

ОСОСК до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 14 лица, и тоа едно лице кое е со привремен престој на територијата на Грција, М. С. (45) од с. Богородица, Гевгелија, И. Ѓ. (20) од с. Ново Конско, Ќ. А. (28) од Арачиново, Н. М. (35) од Арачиново, Б. Г. (24) од с. Марвинци, И. Ѓ. (49) од с. Ново Конско, Б. Р. (28) од Арачиново, Љ. А. (26) од Арачиново, Х. А. (27) од с. Арачиново, .П. (27) од с. Богородица, С. К. (23) од с. Селемли, Ф. А. (32) од с. Јосифово и Д. М. (22) од Богданци, поради постоење основано сомнение сториле кривични дела: организирање група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и шверцување мигранти, предвидено и казниво по член 418-в, став 1 и 2, шверцување мигранти, предвидено и казниво по член 418-б, став 2 и став 4 од КЗ и помагање во врска со истото кривично дело.

Спонзорирано: