26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Ќе се делат субвенции за автомобили и инвертер клими? – Владата носи одлука

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржува редовната 158 седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На оваа седница на владата ќе се разгледа информацијата за можноста од воведување на систем за масовно алармирање и предупредување на граѓаните на предлог на Националниот координатор за имплементација на Национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија.

Министерството за економија за оваа седница ги предложи точките Предлог – закон за енергетска ефикасност, Информација во врска со иницијативата за воспоставување на еден заеднички граничен премин помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во граничниот премин Ќафасан, како и Информацијата за можноста и оправданоста за воведување на субвенции при купување на нови возила.

На денешната седница на Владата на Северна Македонија ќе биде ставена на разгледување Информацијата за спроведување на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за потребите на домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и на Градот Скопје, а кои користат енергетски неефикасни уреди за греење во нивните домаќинства кои влијаат на зголемување на концентрација на РМ10 и РМ2.5.

На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација на денешната 158 седница, ќе се презентира и Информацијата за спроведување на функционална анализа во институциите од јавниот сектор.

На оваа седница министрите во владата ќе се произнесат и за Информацијата за предлог проект програмата „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија“.

Министерство за здравство за оваа седница на владата ја предложи точката Информација со Акциски план за зајакнување на ургентните служби во клиничките болници, а Министерството за транспорт и врски Информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани“.