Додека премиерот Зоран Заев ја занимава јавноста со внатрепартиските комбинаторки, борбата за превласт и сеењето магла во јавноста за некакви промени, во економијата продолжуваат да се нижат негативни резултати, неуспеси и да опаѓа стандардот на граѓаните, се вели во видеообраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
https://www.facebook.com/MickoskiHristijan/videos/1107632339446157/?t=0
Според него, додека граѓаните се вистински незадоволни од неработата на државните функционери од СДСМ, премиерот Заев прави смени на партиските функции со цел да одбегне сопствената одговорност за поразите во политиката и економијата, додека истите тие луѓе продолжуваат да ја водат државата.
„Ниту ваквата парада не може да го сокрие податтокот дека капиталните инвестиции за првите 4 месеци се исклучителни ниски и изнесуваат 9,83 отсто од планираните капитални инвестиции за целата година. Овие резултати се полоши дури за 10% од истиот период во 2018 година кога беа реализирани исто така ниски 10.96% од планираните пари за капитални расходи. Буџетот наместо за капитални расходи, се троши за тековни трошоци. Вистинско преживување по принципот купи ден помини.
Нема инвестиции во нови патишта, болници, училишта, нема инвестиции во градежништвото, истото замира додека стандардот е сè полош. Нема инвестиции во инфраструктурата. А таа е предуслов за одржлив економски развој, за подобрување на приватниот сектор, за побрзото движење на граѓаните, производите и услугите, за ослободување и стимулирање на приватните инвестиции, за раст на вработувањата и платите, за подобар квалитет на животот и вложувањето во иднината на државата.
Економскиот тим на владата е најнеуспешниот во нашата историја. Ниското ниво на капитални инвестиции е факт што говори за неспособност и неработа на владата. И ова не се покрива со никаква метла, со никакви розови очила, ниту, пак, голи ПР-алатки. И секој еден човек знае дека кај СДСМ ништо не се менува, ниту, пак, ќе биде подобро. Македонија заслужува повеќе. Македонија заслужува правда и работа која ќе донесе стандарди и успеси за сите граѓани”, додава Мицкоски.