Во рамки на досегашните активности од првиот ден на работната посета на Хаг, Кралството Холандија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средби со Мајкл Стибе, дипломатски советник за Европа во Канцеларијата на холандскиот премиер, Питер Омзихт и Клас Дајкоф, пратеници во Долниот дом на Холандскиот Тведе Камер (Парламент), како и со поранешниот министер за надворешни работи Берт Кундерс и поранешната холандска амбасадорка во Република Северна Македонија и актуелна амбасадорка за човекови права во МНР на Холандија, Мариет Шурман.
На средбите со пратениците Омзихт (ЦДА) и Дајкоф (ВВД), министерот накусо се осврна на постигнатото во клучните реформски области. Во таа смисла, беа разменети информации во врска со последните политички случувања во земјата и за атмосферата од првиот круг на претседателските избори. Од страна на соговорниците беше поздравен големиот напредок во националната реформска агенда, како и постигнатото во односите со соседите во последните две години.
На средбата со Мајкл Стибе, дипломатски советник на холандскиот премиер, беше разговарано за направеното на домашен план и беше поздравен историскиот пресврт постигнат преку договорите со Грција и Бугарија.
„Ако пред три години бевме заробена држава, сега сме ретка надежна приказна за вистински демократски пробив. Република Северна Македонија има направено доволно и е спремна да ја отвори следната врата од нејзиното европско патување по принципот – стриктно и фер. Нашата цел е суштински да ги унапредиме процесите во општеството и да обезбедиме услови за подобар живот на нашите граѓани. Тоа најдобро можеме да го направиме преку отворање на пристапниот процес, негово суштинско почитување и темелна реформа“, рече Димитров.
Министерот се сретна и со поранешниот министер за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Кундерс, и со Мариет Шурман, амбасадорка за човекови права во МНР на Холандија. Во фокус на разговорите беа преземените активности на земјата во изминатиот период во функција на обезбедување напредок во евро-атланските процеси и актуелните домашни случувања. Со амбасадорката Шурман беа опфатени и теми поврзани со заштитата на човековите права во Северна Македонија, при што беше поздравено севкупното унапредување на состојбите во ова поле преку зајакнувањето на постојната законска рамка и усвојувањето на Законот за антидискриминација.
Дводневната посета на Димитров продолжува попладнево со брифинг пред парламентарниот Комитет за европски прашања и работна средба со Матијс ван дер Плас, генерален директор за европска соработка во Министерството за надворешни работи. Во текот на утрешниот ден, Димитров ќе се сретне со својот холандски колега, Стеф Блок.