Наклонетоста на значителен дел од популацијата од регионот кон Србија, Турција и Унгарија е неспорен факт, но нашето пријателство со овие држави никако не смее да се претвора во причина за наша неутралност, кога е во прашање руската инвазија против Украина, порача националниот координатор за ‘Отворен Балкан’ и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец.
Во анализата за Цивил медиа тој вели дека ниту Србија, ниту Турција, ниту Унгарија не се неутрални – тоа се митови зад кои се крие нечија опасна агенда да се оправда воената агресија на Путин.
-Србија не е неутрална бидејќи во Обединетите Нации гласаше ЗА резолуцијата со која директно се осудува руската војна во Украина и со која директно се дава поддршка на суверенитетот на Украина. Во исто време, Србија демонстрира одлучност во решавањето на спорот со Косово и недвосмислено брза на европските шини кон Брисел. Турција е членка на НАТО, сојузот кој недвосмислено ѝ помага на Украина, сојузот на држави кој никако не е и не може да биде неутрален по ова прашање. Ердоган не може да е неутрален кога сам потврдува дека му рекол на Путин „Крим да им се врати на неговите вистинските сопственици. Тоа се и наши потомци во исто време, луѓето кои живеат таму. Ако го остварите овој чекор, ако нè оставите, ќе ги ослободите и кримските Татари и Украина исто така“. На прашањето како треба да изгледа крајот на војната во Украина, Ердоган има изјавено дека земјата што ја освоија Русите мора да му се врати на Киев. Ова јасно покажува дека Турција е на страната на украинскиот суверенитет, смета Забрчанец.
Тој вели дека слично е и со Унгарија и Орбан.
– Унгарија е членка на НАТО и не е неутрална по однос на руската инвазија врз Украина. Уште една потврда за тоа е последната изјава на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој рече дека Русија не може да победи, бидејќи целиот западен свет се построи зад Украина и повика на итно примирје и мировни преговори, нагласувајќи го нуклеарниот ризик кој го носи Русија. Неутралноста како позиција во овој случај не може да биде ниту принципиелен, ниту хуман, ниту европски став. Македонскиот народ секогаш се борел против окупации, избегнувал воени конфликти и демонстрирал отвореност, пријателство, соработка. Оттука, недозволиво е да ја прифаќаме неутралноста кога е во прашање одбраната на украинската сувереност, кога е во прашање гинењето на илјадници човечки животи и милионите раселени, како резултат на воена интервенција од страна на друга држава – Русија, заклучи Забрчанец.