26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Руската војна против Украина ја запечати западно-европската иднина на Западен Балкан

МАРЈАН ЗАБРЧАНЕЦ

Една година после почетокот на руската воена инвазија врз Украина, она што преовладува како глобална перцепција и порака која денес го обиколува светот е херојството на украинскиот народ и обединувањето на западниот демократски свет во поддршката на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Путин е се подалеку од победата на која се надеваше бидејќи после цела година не успеа ниту да се доближи до Киев ниту да окупира и отцепи поголема геостратешка територија од Украина. Наспроти тоа, срушен е митот за наводната јачина на руската војска, Кремљ претрпе огромни штети и загуби по своите воени и човечки капацитети, поддршката од светот е сведена на минимум, а западот воведе комплексни санкции за Русија кои во комбинација со загубите на ресурси претставуваат сериозен удар за развојот на руската економија на која до сега беше навикнато населението.

Кон перцепцијата за Путин како губитник влијаат и неуспесите на руските информациски интервенции на Западен Балкан односно тоа што Путин не успеа да го спречи членството на Црна Гора и Северна Македонија во НАТО, ниту пак европската интеграција на Србија. Западен Балкан речиси и да е независен од руската економија, имајќи предвид дека регионот успешно го диверзифицира своето снабдување со гас и станува енергетски независен благодарение на заедничката европска енергетска политика и на се поголемото искористување обновливи извори на енергија за што сме особено погодни како поднебје.

За нашата целосна независност од Русија говори и фактот што трговската размена на Северна Македонија во 2022 година со Европската Унија изнесувала повеќе од 12 милијарди евра вкупна вредност на годишниот увоз и извоз, наспроти само 470 милиони евра вредност на трговската размена со Русија, што е 25 пати помалку во споредба со размената со ЕУ.

Ваквите тенденции укажуваат на непобитност на фактот дека бројот на граѓани од Западен Балкан кои се изјаснуваат за неутрални по однос на руската војна против Украина само ќе се намалува, а регионот ќе продолжи да се интегрира западно-демократски во услови кога истокот не само што не е алтернатива, туку претставува и опасност по безбедноста и мирот.

Русија подгрева етнонационализми на Балканот, ги користи историските спорови меѓу земјите

И покрај интензивните пропагандни и дезинформациски интервенции кои доаѓаа од (про)руските центри врз Северна Македонија и регионот, крајниот исход беше успешно зачленување на нашата земја и на Црна Гора во НАТО. Сепак, руската информациска инвазија врз нашето поднебје не смее да се потценува бидејќи има свои силни последици врз одржувањето на мирот, соработката и пријателствата меѓу балканските народи и држави. Руската надворешна политика покрај неофицијалните канали често ја користи и својата официјална дипломатија за да го засилува етнонационализмот во регионов, односно да ги засилува споровите кои имаат историски предзнак, како што се бугарско-македонските историски прашања.

Таков е примерот со честитката за Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, 24 Мај од 2021 година. Во Скопје, амбасадата на Русија преку твитер ни го честиташе празникот со цитат од рускиот претседател Владимир Путин, кој гласи:

„Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја“. Но, во исто време, прилично дволично и со јасна намера да подгрева етнонационализам, во Софија, тамошната руска амбасадорка Елеонора Митрофанова го честиташе празникот на светите браќа, како Ден на бугарската азбука. Таа додаде дека без сомнение улогата на Бугарија во распространувањето на словенската писменост, јазик и култура била бесценета.

Сличен е и примерот со руската честитка по повод роденденот на Гоце Делчев упатена до македонскиот народ, додека во Софија истата таа руска дипломатија го честита роденденот на Николај Игнатиев, рускиот дипломат кој го потпишува Санстефанскиот договор, кој е поразителен за Македонија. Со Договорот се воспостави Санстефанска Бугарија како независна држава и во нејзини рамки влегуваат делови од Македонија, сосема спротивно од идеалите за слободна македонска држава за кои се бореше Делчев.

Последниот период руските интервенции се особено видливи и во БиХ, преку поддршката на потпалувачките изјави на Додик за отцепување на Република Српска, како и во Србија, преку поддршката на наративот „Косово никогаш нема да биде независна држава“, што секако е целосно спротивно од политиката што Русија ја применува кон Украина, прогласувајќи еднострано отцепување територии по пат на воена окупација од страна на друга држава.

Западен Балкан станува енергетски независен

Иако ова е веројатно најтешкиот воен конфликт во новиот 21 век на европско тло, сепак последиците по енергетиката успеавме да ги надминеме како регион, без да се случат било какви посериозни последици по населението. Како регион и како држава, успешно превениравме хаварии на постројките, рестрикции на снабдувањето со струја, како и вртоглави поскапувања на домашните сметки. Не дојде ни до недостаток од храна и други основни домашни продукти. Зимата полека завршува, а ниту една од државите на Западен Балкан не настрада, ниту од енергетска, ниту од криза за храна.

Иако стравовите за годинава беа огромни, може да се заклучи дека Југоисточна Европа повеќе штета претрпе за време на политичките промени во Украина од 2005 година (Портокаловата револуција), отколку денес. Тогаш, државите од Југоисточна Европа останаа без испорака на природен гас кој транзитираше низ Украина, главната  артерија за  трансфер на овој енергенс во тие години.

ЕУ во тоа време немаше заеднички одговор на гасната криза, напротив, секоја  земја-членка  потпишуваше директни долгогодишни договори со „Газпром“, по различна методологија. За разлика од тогаш, денес ЕУ предводена од Германија води усогласена енергетска политика, настапува здружено при набавката на енергенси со цел да обезбеди подобра цена, а во вкупната европска политика сега се целосно интегрирани и државите од Западен Балкан, што секако е од клучно значење за успешното пребродување на кризата, заедно со експанзијата на искористување на сонцето и ветерот за производство на струја.*

Истокот не е никаква алтернатива, нашата економска размена со ЕУ е 25 пати поголема од таа со Русија

Приказните дека постоеле наводни источни алтернативи за нас како држава и за целиот регион не само што не се издржани, туку се и опасни ако се има предвид дека ние и историски и географски припаѓаме во Европа и дека во повеќе наврати нашиот народ ја потврдуваше својата европската и евроатлантската стратешка ориентација.

Дека ниту Русија, ниту Кина не можат да бидат алтернатива за нашата иднина говори фактот што од т.н. Исток или од т.н. Евро-Азија не сме добиле ништо во споредба со она што ЕУ веќе ни го испорачува и ни го нуди – милијарди евра директна помош, поддршка на институциите, европски стандарди за подобар живот на граѓаните. Сето ова ни го нуди и ни го обезбедува токму Западот, не Истокот.

И конечно, дека нашата единствена економски исправна опција се демократијата и Европа говорат и податоците за трговската размена меѓу Северна Македонија со ЕУ и Русија. Имено, вкупната трговска размена во 2022 година (вкупна вредност на увозот и извозот) меѓу Северна Македонија и ЕУ изнесуваше 12 милијарди и 127 милиони евра, додека пак размената со Русија изнесуваше 470 милиони евра, што е за 25 пати помала економска размена во споредба со онаа со ЕУ. Кога е во прашање економската размена на Северна Македонија со Кина, таа е за 12 пати помала од онаа со Европската Унија.**

Да се напушти неутралноста по однос на руската војна против Украина, тоа е скриена поддршка за Путин

Наклонетоста на значителен дел од популацијата од регионот кон Србија, Турција и Унгарија е неспорен факт, но нашето пријателство со овие држави никако не смее да се претвора во причина за наша неутралност, кога е во прашање руската инвазија против Украина.

Ниту Србија, ниту Турција, ниту Унгарија не се неутрални – тоа се митови зад кои се крие нечија опасна агенда да се оправда воената агресија на Путин.

Србија не е неутрална бидејќи во Обединетите Нации гласаше ЗА резолуцијата со која директно се осудува руската војна во Украина и со која директно се дава поддршка на суверенитетот на Украина. Во исто време, Србија демонстрира одлучност во решавањето на спорот со Косово и недвосмислено брза на европските шини кон Брисел.

Турција е членка на НАТО, сојузот кој недвосмислено ѝ помага на Украина, сојузот на држави кој никако не е и не може да биде неутрален по ова прашање. Ердоган не може да е неутрален кога сам потврдува дека му рекол на Путин „Крим да им се врати на неговите вистинските сопственици. Тоа се и наши потомци во исто време, луѓето кои живеат таму. Ако го остварите овој чекор, ако нè оставите, ќе ги ослободите и кримските Татари и Украина исто така“. На прашањето како треба да изгледа крајот на војната во Украина, Ердоган има изјавено дека земјата што ја освоија Русите мора да му се врати на Киев. Ова јасно покажува дека Турција е на страната на украинскиот суверенитет.

Слично е и со Унгарија и Орбан. Унгарија е членка на НАТО и не е неутрална по однос на руската инвазија врз Украина. Уште една потврда за тоа е последната изјава на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој рече дека Русија не може да победи, бидејќи целиот западен свет се построи зад Украина и повика на итно примирје и мировни преговори, нагласувајќи го нуклеарниот ризик кој го носи Русија.

Неутралноста како позиција во овој случај не може да биде ниту принципиелен, ниту хуман, ниту европски став. Македонскиот народ секогаш се борел против окупации, избегнувал воени конфликти и демонстрирал отвореност, пријателство, соработка. Оттука, недозволиво е да ја прифаќаме неутралноста кога е во прашање одбраната на украинската сувереност, кога е во прашање гинењето на илјадници човечки животи и милионите раселени, како резултат на воена интервенција од страна на друга држава – Русија .

* податоци од публикацијата на Фондацијата Фридрих Еберт „Европа во криза, Балканот во неизвесност“, анализа на Митко Андреевски со наслов „Украинската криза и рускиот гас како оружје за политички цели“
** податоци од Државен завод за статистика
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia