23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Костадиновска: На 60-годишнината од земјотресот, Скопје мора да доживее „ослободување“ од стиропорот и невкусот

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, за време на годишната конференција „Година на нови можности“, спомена дел од одбележувањата на значајни јубилеи оваа година, кои ќе бидат поддржани од Министерството.

-2023-та година е година посветена на исклучителниот Ацо Шопов, како и година во која одбележуваме 120 години од Илинденското востание, 120 години од смртта на нашите револуционери Гоце Делчев и Питу Гули.

120 години од објавувањето на книгата „За македонските работи“ на Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име. Во 2023-та се навршуваат 115 години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. 30 години од смртта на Блаже Конески. 120 години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски, информира Костадиновска Стојчевска.

Таа додаде дека се одбележуваат и 80 години од првиот час на македонски наставен јазик во училиштето во Подвис, кичевско, 80 години од Второто заседание на АВНОЈ и исто толку години од формирањето на Иницијативниот одбор за заседанието на АСНОМ, како и 30 години од нашиот прием, како самостојна држава, во Обединетите Нации.

-Има уште многу годишнини кои културните установи и центри низ државата достојно ќе ги одбележат во оваа 2023-та година. Имаме минато со кое се гордееме, имаме длабоки корени кои само заедно можеме да ги сочуваме. Во мудроста е нашиот бедем, а во културата, нашата потпора, потенцира министерката.

Таа исто така кажа дека во Давос, земјата стана дел од Алијансата за Баукултур, за вмрежување на соработката на јавниот со приватниот и со граѓанскиот сектор. За оваа програма Костадиновска Стојчевска кажа дека на неа се гледа како на шанса да се поправи она што може да се поправи.

-Во тој контекст, на шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес, Скопје мора да доживее т.н.„Ослободување“ од стиропорот и невкусот на Скопје 2014-та. Скопје е нашата престолнина која претендираме да стане Европска престолнина на културата за 2028-ма година, истакна министерката.