25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Министерката Петровска од Форумот за жени, мир и безбедност во Приштина: Придонесот на жените како лидери е поважен од зголемувањето на процентите

„Северна Македонија е позитивен пример во доменот на родовата еднаквост и родовата перспектива и тоа го кажувам од личен пример – јас сум министерка за одбрана и не сум првата жена која била поставена на оваа позиција. За мене е многу важно придонесот на жените да се гледа од квалитативен аспект, како жени лидери и жени донесувачи на одлуки, не само како бројка или процент“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на првиот панел на Конференцијата „Жени, мир и безбедност“ која се одржа денеска во Приштина на иницијатива на претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Министерката Петровска истакна дека во безбедносниот сектор во Северна Македонија освен на позицијата министерка за одбрана, жени се поставени и на позиции заменичка на министерот за надворешни работи, државна секретарка во Министерството за внатрешни работи и заменичка на директорот на Агенцијата за разузнавање – клучни лидерски позиции на кои жените можат да направат разлика и да дадат суштински придонес.

Во однос на одбраната, Петровска истакна дека е направен голем исчекор и во бројот на жените во Армијата, но и во вклучувањето на родовата еднаквост и родовата перспектива во политиките на Министерството.

„Во 2012 година, бројот на жени во Армијата бил под 5 проценти, додека денес е зголемен за дупло, односно изнесува над 10 проценти. Зголемувањето може да се види и на клучни менаџерски позиции. Важно е што работиме и внатре во институцијата, но и во јавноста и кон граѓаните проектираме родова еднаквост и родова перспектива. Министерството е родово сензибилизирано, односно во Министерството работат 28 НАТО родови обучувачи, кои во континуитет спроведуваат обуки и тренинзи за потребата од родова еднаквост, родов баланс и родово сензитивни политики“, истакна министерката.

На панелот со министерката учествуваа повеќе високи официјални лица регионот и светот, меѓу кои и Ана Лурман, државна министерка за Европа и клима во германското Министерство за надворешни работи, Дипу Мони, министер за образование на Бангладеш, како и Велислава Петрова, заменичка на министерот за надворешни работи на Бугарија, а свое видео обраќање имаше и Ирене Фелин, специјална претставничка за Жени, мир и безбедност на генералниот секретар на НАТО.

На маргините на Форумот, министерката Петровска се сретна со својот косовски колега, министерот Арменд Мехај, со кого разговараше безбедносната состојба во регионот и развојот на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Косово.

На Форумот во Приштина учествуваа над 400 учесници и 125 говорници од 33 земји од светот.