24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Бугарско МНР се огради од изјавите на Џамбаски: Јавни изјави со кои се навредува се апсолутно неприфатливи

Додека бугарското МНР ги повикува политичарите од двете страни на границата да ги насочат напорите кон јакнење на добрососедство, во бугарското собрание пак се слушна старата и неприфатлива реторика

По вербалната нота што пред два дена ја упати македонското МНР преку амбасадата во Софија, со која изрази незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и копретседател на политичката паријата ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, вчера бугарското Министерството за надворешни работи објави свој „став во врска со неодамнешните јавни изјави, односно Северна Македонија“.

„Бугарија секогаш се стремела кон зајакнување и продлабочување на пријателството и добрососедството во односите со Северна Македонија. Бугарската држава инвестира многу напори за реализирање на таа цел во последните години“, се вели во ставот на бугарското МНР.

„Во таа насока, МНР одново потенцира дека секакви јавни изјави кои ја навредуваат или провоцираат другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие не ја претставуваат официјалната позиција на бугарската држава, и обиди да бидат претставени како такви се некоректни и знак на недобронамерност. Независно од мноштвото провокации против Бугарија и особено против Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, го сметаме таквиот говор за неприфатлив и исклучително контрапродуктивен. Таквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го оттргнуваат општественото внимание од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство“, се наведува во соопштението.

На крајот, бугарското МНР „во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, ги повикува политичарите и јавните личности од двете страни на границата да ги насочат своите напори и пораки кон потпомагање на процесот за враќање на довербата и зајакнување на добрососедските односи“.