Европските земји ќе можат да го издржат намалувањето на извозот на руски гас бидејќи се чини дека проблемите со снабдувањето се решени, се вели во анализата на водечката американска инвестициска банка „Голдман Сакс“.
Банката наведува дека цената на гасот веројатно ќе се преполови оваа зима бидејќи членките на ЕУ успешно работеа на избегнување на голем недостиг на гас. „Голдман Сакс“ вчера објави дека очекува европските големопродажни цени на природниот гас да паднат од околу 215 евра на под 100 евра за мегават час до крајот на првиот квартал од следната година, под претпоставка за просечни зимски временски услови, што е значително под претходно предвидените 213 евра.
Европските земји побрзаа да ги наполнат своите складишта за гас пред зимата, откако рускиот „Газпром“ го прекина снабдувањето, вклучително и преку виталниот гасовод Северен тек 1. Овој месец „Газпром“ го продолжи прекинот на протокот на гас низ гасоводот, без да прецизира во кој временски период тој ќе биде рестартиран.
„Неопределеното намалување на извозот преку Северен тек 1 ја остава северозападна Европа без никаков руски гас. Иако најчесто прашање сега е како оваа ситуација ќе влијае на складирањето на гасот, подобро е да се праша каков ефект ќе има врз цените за да може складирањето да продолжи“, велат аналитичарите од „Голдман Сакс“.
Аналитичарите очекуваат дека капацитетите за складирање ќе бидат исполнети во просек до 90 проценти до крајот на октомври и ќе останат повеќе од 20 проценти полни до крајот на март следната година.