23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Интервју со Тони Ангеловски: Возете тротинети, ама одговорно, со почитување на правилата!

Електричните тротинети се сè поприсутни во градовите, а дел од општините даваат и субвенции за купување на електрични тротинети, потенцирајќи ги како еколошки превозни средства, чија употреба придонесува за намалување на аерозагадувањето. Но, во исто време во полициските билтени читаме и за сообраќајни несреќи во кои учествуваат возачи на електрични тротинети, а постојано сме сведоци и на нервозни возачи на автомобили и пешаци кои реагираат на однесувањето на возачите на електричните тротинети во сообраќајот. Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност подолг период ја спроведуваат кампањата „Носи кацига, вози одговорно!“, каде, меѓу другото, се потенцираат правилата за учество во сообраќајот на електричните тротинети. Денеска разговараме со помошник министерот за односи со јавност во Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски околу тоа колку електричните тротинети се безбедни и кои правила го регулираат нивното учество во сообраќајот.

ЦЕНТАР: Колку возачите на електрични тротинети ги почитуваат сообраќајните правила?
АНГЕЛОВСКИ: Употребата на електрични тротинети е многу популарна кај нас, но и во целиот свет. Ова е ново превозно средство и сите држави наоѓаат начини како тоа да го регулираат. Ние користевме искуства од европските земји, направивме и дебати со експерти, побаравме експертско мислење, сè со цел да изнајдеме решение што ќе биде најдобро, односно најдобро ќе се вклопи во условите во нашата држава. Сето тоа резултираше со регулирање на управувањето на електрични тротинети со измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата донесени во декември 2020 година. Се разбира, убаво е граѓаните да се превезуваат со тротинети, пред се затоа што така влијаеме на намалување на загадувањето, но тоа што некој употребува такво средство за превоз не значи дека за него не важат сообраќајните правила и прописи. Напротив, мора да се почитуваат правилата за да обезбедиме безбедност и за лицето кое управува електричен тротинет, но и за другите учесници во сообраќајот. Сето ова ние како МВР во соработка со РСБСП и Факултетот за безбедност постојано го потенцираме, а спроведуваме и превентивна кампања за уште повеќе да ја зголемиме свеста кај граѓаните. За оние пак кои и покрај овие укажувања нема да ги почитуваат правилата, предвидени се парични санкции.

ЦЕНТАР: Кои се основните правила кои треба да ги почитуваат возачите на електрични тротинети и дали постои ограничување на брзината и за нив?
АНГЕЛОВСКИ: Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедски патеки, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци. Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h, а доколку се движи по тротоар, пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци, брзината не смее да биде поголема од 6 km/h. Доколку се движи со поголема брзина, се изрекува прекршочен платен налог со глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност. Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст и не е потребна посебна дозвола. Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото. Она на што особено инсистираме, а тоа е пред се за сопствена заштита на лицето кое управува тротинет, е носењето заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. Исто така, возачот на електричен тротинет, во ноќни услови, како и во услови на намалена видливост, должен е да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото. На возачот кој не го почитува ова му се изрекува прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.

ЦЕНТАР: Дали на електричен тротинет може да се превезуваат двајца?
АНГЕЛОВСКИ: Не. Тоа не е дозволено. Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

ЦЕНТАР: Колку електричните тротинети се безбедни и дали би ги препорачале?
АНГЕЛОВСКИ: Безбедни се доколку ги управувате според сообраќајните правила. Сите ние како учесници во сообраќајот мора да бидеме свесни дека мора да ги почитуваме правилата за да на тој начин останеме безбедни, а не за да ја избегнеме казната од полицијата. Се разбира, убаво е доколку граѓаните користат возила со кои се намалува загадувањето, но тие мора да се управуваат одговорно, со почитување на пропишаните правила.