Во палатата „Србија“ во Белград денеска се одржува самитот во рамки на иницијативата Отворен Балкан. Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски ги поздрави сите присутни и рече дека собирот е клучен чекор во клучен момент.
„Нашето здружување и заедничка работа е моторот што не турка низ предизвиците на претстојната зима. Денес е јасно дека Северна Македонија, Албанија и Србија направија клучен чекор во клучен момент. Изградивме доверба меѓу пријателските земји. Додека некои мислат дека тоа може да не оттргне од европскиот пат, мислам дека тоа ќе не зајакне и ќе им го олесни животот на нашите граѓани“ – вели Ковачевски.
Тој рече дека преку договорите ќе се заложи да обезбеди стабилност на снабдувањето со храна.
„Како што треба да прават добрите соседи. Ќе си помагаме меѓусебно за сите предизвици и пореметувања на кои може да се соочиме на земјоделските пазари. Ќе обезбедиме доволно пченица, брашно, пченка, сол и други производи“ вели тој.
Ковачевски вели дека е добро што се зборува за соработка во областа на енергетиката каде што има простор за развој.
„Да се зголеми меѓусебната поврзаност и да се постигне соработка за изградба на зелени извори на енергија. Ќе ја интензивираме и нашата работа во однос на гасната интерконекција. Веќе имаме потпишано договор за заштита во случај на вонредни ситуации“ рече македонскиот премиер и потенцираше дека му е мило што ги гледа министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, а се надева дека ќе ги види и претставниците на Грција и Италија.
„Неопходен е отворен Балкан и се надевам дека ќе продолжиме да напредуваме. Дозволете ми да завршам со спомнување на нешто што го гледаме секоја година на границите со Србија и Албанија. Во изминатите години воопшто не можев да разберам кога претставници на некои земји кои немаат граници меѓу себе доаѓаат овде и финансираат проекти за управување со границите. Мислам дека треба целосно да ги подигнеме рампите“ – рече Ковачевски.