23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ЗНМ реагира на говорот на Мицкоски: Јавно етикетирање на новинари

Здружението на новинарите на Македонија реагира на „непримерната комуникација на Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, преку која јавно се омаловажуваат новинари што известуваат за билатералниот спор со Бугарија“.

Тој во својот партиски говор на митингот што се одржа во саботата пред Владата истакна: „Нè лажеа дека не преговараат за јазикот, дека не преговараат за идентитетот, а денес оние платени, за волја на вистината, малкумина владини пера, преку мали колумнички, нè убедуваат дека триумфирале по којзнае кој пат“.

Според ЗНМ, јавното етикетирање на новинарите и на медиумите, посебно од страна на претседатели на политички партии, негативно се одразува на слободата на медиумите и придонесува за цензура и самоцензура.

„Вакви јавни наративи директно ги поттикнуваат партиските симпатизери да повикуваат на говор на омраза кон новинари и медиумски работници на социјалните мрежи. Агресивниот говор на омраза и заканите кон новинари може да резултираат и со дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси“, стои во реакцијата на ЗНМ.