Владините партнери в недела ќе одржат состанок на кој се очекува да ја потврдат поддршката на владејачката коалиција и да го реафирмираат ставот дека на земјата во овој момент не ѝ се потребни парламентарни избори, велат извори од владејачката коалицијата, пишува Дојче Веле на македонски.
Средбата ќе се одржи само еден ден по протестот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред „Илинденска“ број 2. Но, според извори од коалицијата, ниту мотивацијата ниту тајмингот не се поврзани со протестот, туку со обврските на премиерот и на дел од неговите партнери во Владата со и околу годинашниот Преспа форум за дијалог, што ќе се одржи денеска и утре во Охрид, но и други активности.
Според неофицијални информации на Дојче Веле, претстојните разговори меѓу владините партнери треба да резултираат со заедничка изјава/декларација дека заедно остануваат на ставот дека парламентарните избори треба да се одржат во 2024 година. На ваквиот став би му претходела опсежна анализа и дискусија за актуелната ситуација – низ призмата на актуелните економски и енергетски предизвици, ресурсите и мерките за справување со нив, безбедносно-политичките аспекти во контекст на војната во Украина, како и прашањето за (де)блокада на македонскиот интеграциски пат, кое се наоѓа пред многу неизвесна, но клучна седмица.
Целиот овој сет на прашања би водел кон заклучокот дека во споменатите околности Владата треба да продолжи да дејствува со полн капацитет.