Ребалансот на Буџетот за 2022 година изготвен од Владата предводена од СДСМ кој влезе во собраниска процедура има за цел да обезбеди продолжување на досегашните мерки и политики за справување со последиците од светската економска криза. Со Ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и стопанството. Дополнителни 76 милиони евра обезбедуваме за поддршка на граѓаните и стопанството, како и 52 милиони евра што ќе се искористат за поддршка на земјоделците, за раст на платите и пензиите, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека граѓаните треба да бидат спокојни, обезбедени се средства за нови таргетирани мерки за помош, за усогласување на платите на буџетските корисници со растот на минималната плата, како и за рекордно зголемување на пензиите од септември, согласно новата усвоена методологија.
Со ребалансот предвидени се финансиски средства за капитални инвестиции во патната и железничка инфраструктура, гасификација но и инвестиции во обновливи извори на енергија што е особено важно во време на светска економска и енергетска криза.
И во време на криза Владата и парламентарното мнозинство преку одговорни мерки и политики успева економијата да ја задржи на стабилни основи и таа да остане ликвидна.
Очекуваме опозицијата да ги стави интересите на граѓаните на прво место и ребалансот да биде усвоен што побро, затоа што е важно поддршката за граѓаните и компаниите да биде постојана и навремена, се вели во соопштението.