23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Местото на Западен Балкан е во Европската унија

Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на самитот на Отворен Балкан што се одржува во Охрид.

Ковачевски посочи дека земјите од Западен Балкан се тесно поврзани и дека кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи.

„Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме.

Драгоценото време треба да го користиме поефикасно. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави“ истакна Ковачевски

Во обраќањето, премиерот Ковачевски упати порака и кон ЕУ.

„Ние денеска, од тука, од Отворен Балкан испраќаме јасна порака:

Од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили.

Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади. и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми“ посочи Ковачевски додавајќи дека сите членки на Отворен Балкан се уверени дека оваа иницијатива ќе станува се поатрактивна и дека се подготвени за прием за нови членки.