23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Кацарска: Состојбата во Уставниот суд е проблем на државата и е на штета на граѓаните

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска во Судот одржа работен состанок со претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Димитар Ковачевски. Претседателката Кацарска на состанокот информираше за сериозноста на ситуацијата со која е соочен Уставниот суд во последните шест месеци бидејќи функционира со пет судии од вкупно девет, колку што се предвидени во Уставот. Поради недостаток на судии повеќе од 30 предмети не може да добијат мнозинство и се одолговлекуваат за понатаму, а штетата ја трпат граѓаните, посочи Кацарска.

„ Судот не може во целост да ја оствари улогата на заштитник на граѓанските слободи и права и да одлучува за согласноста на законите со Уставот како и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите. Поради наведените причини, оваа состојба не е проблем само за функционирањето на Уставниот суд, туку и на државата и токму затоа денеска на работен состанок ги повикав тројцата претставници на најважните институции кои ја водат државата. Ги информирав за сериозноста и отежнатото функционирање на Уставниот суд и согласно нивните надлежности и тежината на нивните функции очекувам државата да се вложи во побрзо надминување на оваа состојба”, рече Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд алармираше дека во декември оваа година завршува мандатот на уште еден судија и ако до тогаш не се комплетира Судот, државата ќе влезе во уставна криза.

„ Уставниот суд функционира на граница на кворум и многу луѓе се засегнати од предметите кои заостануваат, како на пример Законот за социјална заштита, Законот за јавно обвинителство, одлуки со кои се оспоруваат Детални урбанистички планови, барања за слободи и права на граѓаните”, истакна Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд посочи дека освен предметите кои не добиваат мнозинство, проблемот со недостатокот на судиите се рефлектира и врз можноста да се спроведат големи реформи во Уставниот суд, како што е донесувањето на нов Акт, бидејќи Судот се уште работи според Деловник кој е донесен во 1992 година.

По споделувањето на информациите од страна на претседателката на Судот Добрила Кацарска, тројцата претседатели констатираа дека моменталната ситуација е загрижувачка и дека во интерес на државата и на сите граѓани е Уставниот суд да работи во комплетен состав и согласно нивните надлежности најавија поддршка за надминување на овој проблем.

Во рамки на овој работен состанок претседателката на Судот Добрила Кацарска го отвори и прашањето за воведување на уставна тужба во услови на комплетиран состав на Уставниот суд, побара поддршка и нагласи дека со овој уставен инструмент ќе се отвори можноста за граѓаните побрзо да дојдат до правдата во Република Северна Македонија, наместо со години да чекаат одлуки од Европскиот суд за човекови права, да не се изложуваат на големи трошоци пред судот во Стразбур и да им се овозможи овде во својата држава да ги користат сите правни лекови.

Една од темите на состанокот беше и административно-финансиска независност како и условите за работа во Судот со кои беа запознаени Пендаровски, Џафери и Ковачевски.