Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 21 и 22 февруари ќе учествува на Министерската конференција на Платформата за заедничка координација за ефикасна борба против нелегалната миграција долж Источномедитеранската рута, која ќе се одржи во Хофбург – Виена во Австрија.
Министерот Спасовски ќе има обраќања на двете панел сесии, „Регионални и национални аспекти – предизвици и тековна ситуација“ и „Елементи на регионален механизам и партнерства за враќање“.
Конференцијата е во организација на Федералното Министерство за внатрешни работи на Република Австрија и Платформата за заедничка координација за ефикасна борба против нелегалната миграција долж Источномедитеранската рута воспоставена во јуни 2021 година во Прага, Чешка, заедно со министрите и претставниците од Западен Балкан, Салцбуршкиот форум, Данска, Германија, Грција, Швајцарија, а во присуство на Европската комисија, Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО), ФРОНТЕКС и Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД).
На маргините на конференцијата, министерот Спасовски ќе оствари билатерална средба со Нотис Митараки, министер за миграција и азил на Елинската Република, а ќе се сретне и со Игор Џундев, шеф на постојаната мисија на Република Северна Македонија при ОБСЕ во Виена, како и со Кристин Шанер Бургенер, државен секретар за миграции на Швајцарија.