Новиот лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, во интервју за Слободен печат истакна дека и покрај различните ставови или несогласувања кои впрочем претставуваат суштина на демократијата, членството на СДСМ секогаш има една заедничка цел, а тоа е силна и обединета партиска организација која ќе работи во интерес на граѓаните.
„Цврсто верувам дека во периодот кој следи СДСМ ќе доживее транформација како во начинот на работа и организацијата, така и во унапредување на внатрепартиските односи. Заемната доверба и почит мора да ја засноваме на квалитетна соработка, ангажман, но и одговорност на секој член од тимот“, изјави Ковачевски.
Уште од поднесувањето на својата кандидатура, новиот претседател на СДСМ во јавноста беше окарактеризиран како „заедничко лидерско решение“ за обединување на главните фракции во владејачката партија. Ковачевски истакна дека овие коментари ги смета за позитивни бидејќи тие претставуваат само потврда за добро изградените релации кои тој ги има со сите кои имале врвни позиции во Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи како член од 1994 година, бил дел од речиси сите досегашни раководства на локално или централно партиско ниво.
„Секогаш сум имал коректен и професионален однос со сите и од таа позиција ќе го дадам својот максимум да го обединам членството. Во повеќе наврати досега посочив дека сум голем противник на политичките фракции и гледање на внатрепартиските односи низ ваквата призма“, рече тој, додавајќи дека главниот слоган на неговата кампања „ЗАЕДНО“ не бил случаен избор.
„Убеден дека тоа е единствениот пат по кој треба да продолжиме“, заврши Ковачевски.