Скандалозен и дискирминирачки е вчерашниот настан каде во автобус на ЈСП Скопје му бил забранет влез на лице со попреченост кое било придружувано од неговото сервис куче, реагира СДСМ откако вчера на Александар Велевски, лице со попреченост во инвалидска количка и кој има потреба од куче-придружник, не му било дозволено да се качи во автобусот на ЈСП во Скопје.
Од СДСМ велат дека тоа е спротивно на Уставот, на законите и на Конвенцијата на Обединетите нации за права на лицата со хендикеп и СДСМ го осудува.
„Во изминатите четири години и на локално и на централно ниво СДСМ реализира низа мерки и политики за унапредување на статусот на лицата со попреченост. Се намали границата за лична асистенција за лицата со попреченост, со цел овие лица полесно да ги извршуваат секојдневните обврски и да бидат активно вклучени во секојдневниот живот, се изработи аудио читач за лицата со оштетен вид, се градат инклузивни градинки а многу објекти на институции станаа подостапни за лица со телесен инвалидитет. Од друга старана, ваквите дискриминаторски потези на ЈСП, Град Скопје и Арсовска не се во насока на унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост, туку враќање чекори назад. Очекуваме одговорност за ова срамна и дискриминирачка постапка“, наведе СДСМ преку соопштение.
Вчера од Коалицијата „Менуваме“ која информираше за случајот со Велески, истакнаа дека забраната за влез во автобусот била по наредба на Град Скопје и градоначалничката. Од оваа Коалиција прашаа дали има и каква е таа одлука, како и зошто истата не е објавена. Коалицијата Менуваме јавно бара објаснување од Градот Скопје и градоначалничката да се изјаснат за настанатата ситуација, а најавува дека ќе се обрати до канцелариите на ОН, ОБСЕ, и на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Од ЈСП реагираа дека нема никаква поинаква одлука од онаа донесена пред две години со која се овозможува лицата со попреченост кои имаат куче – сервис да може да го користат јавниот превоз.
„Ниту на еден граѓанин не му е ускратено правото за јавен градски превоз. Јавното сообраќајно претпријатие Скопје е јавен сервис кој обезбедува градски превоз за сите граѓани и никогаш немало дискриминација. Нема никаква поинаква одлука од онаа донесена пред две години каде се овозможува лицата со попреченост кои имаат куче сервис да може да го користат јавниот превоз“, реагираше Јавното претпријатие.
Коалицијата „Менуваме“, укажува дека недостасува Инклузивност во дел од возачите во ЈСП. Од Коалицијата прашуваат и зошто говорниот автомат за лица со оштетен вид во автобусите не работат и не е во сите вграден а е потребен не е битно да ли е приватен или државен. Зошто во сите автобуси не работат рампите за лицата со телесна попреченост, како и зошто автобуските постојки не се прилагодени за граѓаните кој чекат автобус а камоли за лицата со попреченост.