23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владината коалиција е стабилна, прогресивните сили ја ставаат иднината на државата пред политиканството на Мицкоски и Апасиев

Сите партнери од владината коалиција во текот на вчерашниот ден потврдија дека парламентарното мнозинство останува стабилно. Владината коалиција која е посветена на модернизација и европеизација на државата ќе продолжи по зададениот терк, наместо да влегува во дневнополитички игри и препукувања мотивирани од опозицијата.

Поддршката меѓу партиите во владината е коалиција е очекувана, бидејќи оваа коалиција е составена не со цел политика и политички игри, туку делење на исти вредности, вредности за напредок на државата и интеграција во Европската Унија.

Ова беше посебно истакнато од ДУИ и БЕСА, кои на овие избори на неколку места имаа судир на нивни кандидати. Сепак и двете партии потврдија дека иднината на државата е пред борбата за градоначалници и советници, бидејќи се работи за интересот на граѓаните.

Дека нема да ја напуштаат владината коалиција потврдија и од ДОМ и ЛДП, кои на локалните избори настапија надвор од коалицијата „Најдоброто“. Тие изразија задоволство од нивниот резултат на локалните избори и потврдија дека државата мора да продолжи да оди по прогресивниот и европски пат.

Потврда дека нема напуштање на владината коалиција стигна и од останатите помали партии кои ја потврдија својата заложба за прогресот, не дозволувајќи да потпаднат под влијание на опозицијата.

Со ова паднаа во вода најавите на опозиционерите Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ и Димитар Апасиев од Левица, кои по првиот круг на локалните избори најавија дека по завршувањето на овие избори ќе има промени во парламентарното мнозинство и промена на власта.

Од друга страна, пак, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни Бујар Османи навестија дека по изборите, наместо ново парламентарно мнозинство, може да дојде до негово окрупнување со уште неколку пратеници. Сепак, ни двајцата не беа подготвени да кажат кои пратеници би се приклучиле кон владината коалиција.

Оваа потврда за стабилноста на Владата и продолжувањето на европскиот пат, дојде во истиот ден кога Европската комисија го објави и Извештајот за напредокот на земјава, со кој уште еднаш се потврди дека Северна Македонија ги исполнува сите услови за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Во извештајот се наведува дека земјава го задржи одлучниот тек во напредувањето во реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на резултати.

Европската комисија исто така е задоволно што Владата покажува јасна проевропска ориентација и што продолжува да ги исполнува критериумите и да работи на отворање на преговорите. Тие нагласуваат дека причината за незапочнувањето на преговорите е билатералниот спор со Бугарија, за што ги предупредуваат останатите земји-членки дека носи негативни последици за кредибилитетот на ЕУ.