Трајно оградување на тревниците кои се користат за паркирање, обновување на системите за наводнување, дополнување на зелените површини и нивно одржување се дел од проектите за кои вчеравечер кандидатот за градоначалник од СДСМ Горан Герасимовски ги претстави пред граѓаните во Буњаковец. Герасимовски најави и инфраструктурни решенија кои Буњаковец ќе ја направат поорганизирана и позелена населба.
„ Во Буњаковец предвидуваме инфраструктурни решенија за намалување на сообраќајниот метеж со фокус на велосипедските патеки. Имаме готов проекти за надземен и подземен паркинг за 200 возила на веќе постоечкиот во „Буњаковец“. Во населбата исто така ќе ги зголемиме зелените површини, на ул. Орце Николов сега засадивме 12 јавори на местото на исечените ќе направиме и регистар на стари и исушени дрва и за секое исечено ќе засадиме две нови. Ќе ги дополниме и правилниците за поттикнување “зелени решенија” во урбаното планирање и производство на електрична и топлинска енергија. Ќе поставиме енергетски ефикасно улично осветлување на јавните површини вклучително и во дворовите на училиштата и градинките. “, изјави Герасимовски.
Дополнително Герасимовски најави надградување на програмата за обнова на фасадите на зградите, како и реконструкција на сите дотраени тротоари. Целосна реконструкција ќе има ул. Ленинова, со нови велосипедски патеки од едната страна на улицата. Ќе се реконструираат и улиците Рајко Жинзифов и Петар Поп Арсов и дел од Никола Тримпаре и реконструкција на паркинг бр 2, 4, 6 и 9 како и реконструкција на ул. Дебарца, со резидентен паркинг, како и реконструкција на Христо Смирненски.
За потребите на повозрасните граѓани Герасимовски најави надградување на услугата „Нега за стари лица во домашни услови“, за која во континуитет се зголемува бројот на заинтересирани. Како општина која прва воведе ваков проект, во следниот период ќе следи проширување на услугата со медицинска и административна помош.