27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев од Тетово: ВМРО-ДПМНЕ за пусти пари и власт влегоа во брак со Алијанса за Албанците, за брзо следува развод на тој брак

„Кај ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски нема ништо ново освен лажни вести, лицемерие, деструкции и обиди да се врати режимот за да глумат локални шерифи и да крадат пари од народот. За пусти пари и власт влегоа дури и во брак со Алијанса за Албанците. Во ноември гледајте развод на бракот“ рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Тетово.

„Народот не пие нафта, народот живее на оваа територија и знае. Вмровците нема да гласаат за Алијанса, ниту пак Алијанса ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ. „Чиста Македонија“ и „Македонци варвари“ не одат заедно. Затоа ќе останат во опозиција и заробени во минатото“ кажа Заев.

Тој додаде дека есапот од Белата палата нема да им излезе на пазар и кажа дека помина времето на деструктивни сили во државата и времето кога на меѓуетнички односи и тензии го билдаа рејтингот.

„Треба и Мицкоски и Села да си признаат дека меѓунационалните односи во земјава никогаш не биле подобри од сега. Затоа никој веќе не зборува за тоа, бидејќи заедништовото во Северна Македонија се подразбира, само што тие се скарани со зборот заедништво“ рече Заев.

Премиерот додаде дека за локалните избори Мицкоски повикува на создавање нова иднина, а тие се вечно во рововите на минатото и 11 години ги заковаа и граѓаните и земјата во оковите на минатото.

„Иднината започна да се создава со нивното паѓање од власт и продолжува и понатаму. Ние веќе создавоме и заедничка сегашност и иднина и лесно се разбираме едни со други. Ова е вистинскиот патриотизам на дело – повисоки плати, Македонија напред, соживот, но Мицкоски не може да го види тоа бидејќи е 15 години назад“ рече Заев.