24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСИЗБОР

Доколку залади, грејната сезона може да почне од 1 октомври

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) ја информира јавноста дека доколку прогнозата за средната надворешна температура за следниот ден е помала или еднаква на 12 степени целзиусови, грејната сезона може да започне и порано односно на 1 октомври.

„Официјално грејната сезона започнува од 15 октомври и трае до 15 април следната година, но доколку добиеме податоци од УХМР дека прогнозата за средната надворешна температура за следниот ден е помала или еднаква на 12 степени целзиусови веднаш РКЕ ги известува снабдувачите со топлинска енергија со насока да стартуваат со испорака.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Во моментов се прават ладни проби за да може без проблем да започне испораката на топлинска енергија – информираа снабдувачите на одржаниот координативен состанок со РКЕ.

„Одржавме состанок со Снабдување со топлина БЕГ и Скопје Север, додека со ЕСМ Енергетика во телефонски разговор ни потврдија дека се подготвени за новата грејна сезона. Снабдувачите се свесни дека измените на законите за зголемување на казните се во постапка и оваа грејна сезона веќе се на терен проактивни. Од БЕГ не информираа дека во моментот имаат проблем со околу 380 колективни станбени објекти кои имаат дефекти во внатрешна инсталација или немаат електрична енергија во топлинските станици, со што е оневозможен пристап на екипите до топлинските станици. Апелирам до Управителите на објектите, односно Заедниците на сопственици да ги подмират навреме сметките за електрична енергија за топлинските станици за да може без проблеми да стартува грејната сезона.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Од минатата грејна сезона до оваа приклучени се околу 2 000 нови потрошувачи на трите топлани, меѓу кои и дел од комплексот Лимак. Инаку во Скопје, вкупно околу 60.000 домаќинства и објекти се греат на топлинска енергија.