26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев по успешните избори: Штипјани го казнија раководството на ВМРО-ДПМНЕ

Сашко Николов е новиот градоначалник. Срцето на македонскиот исток останува во сигурни раце, порача премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, откако социјалдемократите прогласија победа на предвремените избори во Штип.

Заев испрати порака дека со денешните успешни избори штипјани го казниле раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните на Штип испратија порака и до бојкотирачот кој повторно избега од својот народ, граѓаните го казнија неодговорното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кажаа ’да‘ за грижата, одговорноста и стабилноста, а ’не‘ за блокадите, бојкотот, лаги стравови и хистерии“, рече Заев.

Тој ги оцени изборите како фер, слободни и демократски, а најважно од сè, рече, безбедни.

„Победи Штип и желбата да продолжи развојот и напредокот на градот. Довербата многу значи и ќе ја оправдаме“, рече Заев.

На прес-конференцијата се обрати и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој исто така порача дека градот ќе продолжи по европскиот пат, кој претходно го зацртал ексградоначалникот Благој Бочварски. Истокот, рече Николовски, станува бастион на СДСМ.

„Во регионот сериозно се зголемува предноста на СДСМ пред ова деструктивни и блокирачко ВМРО-ДПМНЕ кое нема став за ниту едно прашање. Расте поддршката, истокот е веќе бастион на социјалдемократијата, треба да сме горди на тоа и да продолжиме по овој пат“,рече Николовски.

Кандидатот за градоначалник, Сашко Николов, уште еднаш им се обрати на штипјани, се заблагодари за поддршката и рече дека неговите сограѓани покажале општествена одговорност и овозможиле Штип да продолжи по европскиот пат.

„Ние граѓаните, денеска демонстриравме одговорност и европска политика. Со сите опструкции кои ги имавме во предизборниот молк, денеска граѓаните рака за рака си го изгласаа новиот градоначалник. Моите сограѓани ми дадоа обврска која лично ја преземам, а тоа е да има рамноправност, грижа и потпора за секој еден граѓанин. Покрај сите опструкции на ВМРО-ДПМНЕ кои немаа храброст да дадат против кандидат покажавме дека остануваме на европски пат. Денот го поминавме седејќи на кафе без притисоци и опструкции, тоа значи дека демократијата во Штип е вратена“, рече Николов.