Некогашниот пратеник и лидер на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам почина вчера во клиниката „Филип Вотри“. Попладнето беше соопштено дека посмртниот тест на Бајрам покажал дека тој бил заразен со Ковид 19. Неговиот син Габриел Бајрам во телефонски разговор за „Фокус“ рече дека неговиот татко пред 3 дена направил тест и истиот бил негативен, а од болницата на Жан Митрев им рекле дека Бајрам починал од мозочен удар, а не од коронавирус.
Амди Бајрам ќе биде погребан денеска во 14 часот на гробиштата во Бутел, а неговиот син на Фејсбук повика сите кои ќе дојдат да му оддадат почит да ги почитуваат мерките и препораките.
„Пријатели поворката до вечното почивалиште на мојот татко Амди Бајрам ке тргне во 14.00 часот од нашата семејна куќа во Бутел.
Согласно препораките Ве молам сите кои ќе бидат дел од поворката да држат соодветма социјална дистанца и задолжително да носат маски.
Со почитувањето на овие препораки ќе покажеме почит кон нашиот великан и татко и нема да оставиме можност овој тажен ден за семејството и ромската нација да биде оцрнет.
Ви благодарам за разбирањето“, напиша Габриел Бајрам.