Ќе ставиме забрана за извршување куќи и станови, а кои се единствен дом на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Оттука ветуваат дека во казнената политика целосно ќе се спроведе системот – превенција па казна. Ќе се утврди нов модел на работење на Трудовата и на Пазарната инспекција врз основа на системот усно укажување на евидентираните неправилности во работењето на правното лице, период за нивно отстранување, па дури потоа казна. Казната ќе следува само во случај кога неправилноста не е исправена во конкретен рок и ако таа и натаму се повторува од страна на правното лице.
Новата прекршочна политика, како што додава ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде утврдена и кај сообраќајните прекршоци. Ќе се примени системот на мали, но ефективни казни, односно десеткување на сегашниот систем на казни. На пример, сегашната казна за сообраќаен прекршок од 300 евра во денарска противвредност ќе биде заменета со казна од 30 евра во денарска противвредност.
„Системот на мали, но ефективни казни, ќе придонесе кон намалување на корупцијата, ослободување на институциите од прекумерни предмети, кои чинат пари и време, и ќе помогне во јакнењето на свеста на граѓаните за почитувањето на правниот систем“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека уставното гарантирано право на граѓаните на домување е посилно од кој било закон, затоа, освен во случаите на хипотекарно обезбедените побарувања, ќе се укине извршувањето врз недвижност која е единствен дом на граѓанинот. Оваа мерка се применува само кога се извршува по основ на наплата на паричен долг кога врз недвижноста не постои заложно право. Доколку недвижноста се употребува за домување на граѓанинот должник, нема да биде возможно одземање на недвижноста заради наплата на долг, без оглед која е висината на долгот. Никој не смее да остане без покрив над главата, најавува опозициската партија.