Снежниот бран што ја зафати Македонија во саботните вечерни часови предизвика сериозни проблеми во сообраќајот на неколку значајни патни правци. Снегот, лизгавите коловози и густата магла го отежнаа патувањето низ планинските превои, а на дел од патиштата беа воведени и првите ограничувања за товарниот сообраќај.
Видеото и фотографиите кои ги споделуваме се од превојот Ѓавато, каде силно врне снег.
Особено сериозна беше состојбата на планинскиот превој Стража, каде што едно возило излетало од коловозот и се превртело. Според првичните неофицијални информации објавени во медиумите, на терен интервенирале пожарникари, а имало и повредени лица. Засега нема официјална потврда за причините за несреќата и тежината на повредите.
Во текот на вечерта беа воведени забрани за движење на тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Кичево преку Стража и Маврово – Дебар.
Зимски услови за возење има и на патиштата кон Попова Шапка и граничниот премин Деве Баир, додека на планинскиот превој Плетвар густата магла ја намали видливоста до 100 метри.
Екипите на „Македонијапат“ со механизација се ангажирани на терен за расчистување на снегот и одржување на проодноста на патните правци.
Дополнителна загриженост предизвикуваат метеоролошките најави за продолжување на снежните врнежи во недела. На планините се очекува формирање нова снежна покривка до 20 сантиметри, а во повисоките населени места до 10 сантиметри.
По снежните врнежи Македонија ја очекува силен студен бран, со утрински температури кои во наредните денови на одредени места би можеле да се спуштат до минус 18 степени. Замрзнувањето на влажните коловози ќе претставува дополнителна опасност за учесниците во сообраќајот.
Возачите кои планираат да патуваат во текот на ноќта и во неделните утрински часови треба да бидат особено внимателни, да ја проверат проодноста на патиштата, да поседуваат соодветна зимска опрема и да избегнуваат непотребни патувања низ планинските превои доколку временските услови се влошат.


