Учениците од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“создадоа три едукативни видеа и дадоа свој придонес во спроведување на Деновите на финансиска писменост.
По повод успешно реализираната активност, во просториите на МАПАС се одржа пригодна средба на која Пранвера Сума, член на Советот на експерти на МАПАС, им врачи Благодарници и пригодни подароци на учениците, како признание за нивниот ангажман, креативност и личен придонес.
Во учебната 2026/2027 година, МАПАС и СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ја реализираат програмата „Учење преку работа кај работодавач “, преку која учениците го поврзуваат училишното знаење со практично искуство во реална работна средина.
Низ процесот на учење во МАПАС учениците ги води менторот Марија Поповска, главен советник на претседателот на Советот на експерти на МАПАС, во соработка со професорката д-р Емануела Есмерова и координаторката за практично образование Сузана Станковска.
Во рамките на Деновите на финансиската писменост, кои МАПАС ги спроведува заедно со пензиските друштва, учениците Едина Ганевиќ, Михајло Велинов и Амина Омеровиќ доброволно се пријавија и учествуваа во осмислувањето, подготовката и реализацијата на три кратки едукативни видеа посветени на финансиската писменост и капитално финансираното пензиско осигурување.
Користејќи јазик близок до младите и формати што се дел од нивната секојдневна дигитална комуникација, учениците обработија важни прашања поврзани со финансиските одлуки, пензиското осигурување и навременото планирање на финансиската иднина. На тој начин тие не беа само учесници во едукативниот процес, туку и создавачи на пораки наменети за својата генерација.
Во подготовката на видеата учениците ја имаа стручната и организациската поддршка од Енгин Елмаз, раководител на Отсекот за односи со јавност и стандардизација, и Бењамин Муќа, советник за организациска поддршка во МАПАС.
МАПАС ќе продолжи да ја поддржува програмата „Учење преку работа кај работодавач“и да ја унапредува соработката со СЕПУГС „Васил Антевски Дрен “, создавајќи можности учениците практично да го применуваат своето знаење, да развиваат професионални и комуникациски вештини и навремено да се подготвуваат за одговорно донесување финансиски одлуки.
фото МАПАС


