Напорите што ги правиме за подобрување на состојбите во областа на образованието и науката, добија потврда од највисоките органи на Европската унија и тоа е нотирано во Извештајот за напредокот на Македонија за 2026 година. Задоволни сме и мотивирани да продолжиме да градиме поконкурентен национален образовен систем и да ја стимулираме науката, да ја доближуваме до младите, да ја насочуваме кон целите на паметната специјализација и кон креирање иновации.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешниот 19. состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, на кој присуствуваа и министрите за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и за економија и труд, Бесар Дурмиши, претставници на повеќе други институции, на Европската Унија, меѓународните организации и граѓанскиот сектор.
„Сите цели од Реформската агенда во делот на образованието и науката, предвидени за периодот досега, се исполнети и за тоа, добиваме поврат на средства во државниот буџет во износ од 19,2 милиони евра. Пристапивме одговорно и работевме посветено, така што дел од целите се остварени и предвреме“, рече Јаневска.
Европската комисија го потврдува напредокот на Македонија во образованието. Зајакната е законската регулатива и стратешката рамка. Донесени се низа нови законски решенија и нова Стратегија за образование 2026-2032. Проширена е мрежата на регионални центри за стручно образование и обука. Интензивиран е процесот на оптимизација на училишната мрежа и прилагодување кон демографските прилики, а значително е проширен и концептот на ефективно едносменско работење на училиштата. Воведени се кариерни советници во основното и средното образование.
Јаневска потсети дека се усвоени и нови формули за финансирање на основното и средното образование, а со сет мерки е зголемен бројот на ученици во стручното образование, така што сега над 70% од учениците во една генерација одбираат да учат во стручни училишта, а бројот на компании кои ја реализираат практичната обука достигна 1000. Модернизиран е и системот за образование на возрасните, односно неформалното образование и валидацијата на стекнати знаења и вештини преку истото.
Во делот на науката, Владата формираше и веќе функционира Агенцијата за иновации, научно – технолошки развој и претприемништво ИНОВА и го продолжи активното учество во европски програми за наука и иновации, како COST и Хоризонт Европа.
„Образованието се развива и како дигитална сфера, каде вештачката интелигенција е интегрирана во наставата, а унапредена е и инклузијата со вклучувањето на рекорден број 1602образовни асистенти во основното образование и за прв пат 190 во средното образование“, додаде министерката, заблагодарувајќи се на сите чинители, домашни и меѓународни партнери кои помогнаа за напредокот на образованието и науката.
На крајот од обраќањето ја истакна итната потреба од носењето на новите предлог закони за високо образование и наука, од кои како што рече, се очекува многу, но поради недоволната свесност за важноста кај дел од политичките субјекти, заглавен е процесот на нивно носење во Собранието.
фото: Министерство за образование и наука


