Францускиот претседател Емануел Макрон побара повторно отворање на прашањето за членството на Украина во НАТО, оценувајќи дека безбедносната положба на Европа бара преиспитување на досегашните позиции. Пораката ја испрати по состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“, одржан на 19 ноември во Берлин, на кој европските партнери разговараа за можностите за постигнување траен мир во Украина.
Макрон ја поврза својата иницијатива со руските позиции во мировните преговори, нагласувајќи дека сојузниците на Киев мора да ги разгледаат сите можности за обезбедување долгорочни безбедносни гаранции. Тој повика и на забрзана испорака на системи за противвоздушна одбрана, кои се особено важни за заштитата на украинското население и инфраструктура.
На берлинската средба учествуваа претставници на повеќе европски држави, Украина, САД и НАТО. Иако дискусијата повторно го стави прашањето за евроатлантската иднина на Украина во центарот на вниманието, не беше објавена одлука за започнување постапка за прием во Алијансата.


