Велика Британија заостанува зад своите европски сојузници во справувањето со растечката закана од Русија, предупреди началникот на Генералштабот на британските вооружени сили, генерал Ричард Најтон.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, тој изјави дека Москва покажува сè поголема подготвеност за ризични потези и дека Европа мора посериозно да ги сфати безбедносните закани.
„Ова е најопасниот период што сум го доживеал во мојот возрасен живот. Заканата, првенствено од Русија, но и на глобално ниво, расте“, изјави 57-годишниот Најтон.
Според него, европските земји што се поблиску до Русија подобро ја разбираат сериозноста на ситуацијата, додека Британија мора да ги стигне своите сојузници во подготовките за справување со заканите.
Најтон предупреди дека терминот „хибридни активности“ повеќе не ја отсликува сериозноста на руските операции против западните држави.
„Зборуваме за целни убиства, саботажи и кибернапади. Тоа се многу реални работи за кои имаме докази дека ги спроведува руската држава во Европа, а до одреден степен и во Обединетото Кралство“, рече тој.
Неговите изјави доаѓаат во време кога европските безбедносни служби истражуваат серија закани со бомби упатени кон авиокомпании и медиумски организации. Дел од разузнавачките претставници се сомневаат во вмешаност на Русија, но засега нема потврда дека Москва стои зад инцидентите. Русија претходно ги отфрли обвинувањата за хибридни напади во Европа.
Британскиот генерал нагласи дека владата мора појасно да им ги објасни безбедносните ризици на граѓаните, особено во услови кога се планира зголемување на трошоците за одбрана на три проценти од БДП до 2030 година.
Тој посебно предупреди на опасноста од руски подморници за меѓународната пловидба, подводните комуникациски кабли и критичната инфраструктура. Британија планира да ја зајакне воената соработка со европските сојузници во северниот Атлантик, Арктикот и Балтичкото Море.
Најтон порача дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, бидејќи американското стратешко насочување кон Индо-пацифичкиот Регион е долгорочен процес.
Според него, зајакнувањето на европската одбрана не значи подготовка за неизбежна војна, туку начин да се намали ризикот од конфликт и да се зачува мирот./Извор:Makfax


