Дваесет и четиригодишниот Михал Оксињски, кој завчера на главниот плоштад во Краков, Полска, уби шест лица, а рани 15 други, почина рано утринава во болница од тешките повреди здобиени за време на пресметката со полицијата, потврдија локалните власти, објави Би-би-си.
„Би сакале да ве информираме дека сторителот на трагичните настани почина во болница рано утринава“, напиша Малополската полиција на Икс.
Нападот се случи завчера, околу 15:00 часот, кога Оксињски со својот автомобил влезе на главниот плоштад во Краков и отвори оган врз минувачи, туристи и таксисти, користејќи полуавтоматска пушка „АР-15“. Загинаа шест лица на возраст меѓу 32 и 61 година – меѓу кои и еден австриски државјанин – а уште 15 лица се здобија со повреди.
Пукал кон полицијата облечен во воена опрема
По брзата реакција на полицијата, следеше потера по неговиот црн автомобил „Субару“, но Оксињски удри во запрено возило на една крстосница. Тој излезе од автомобилот – облечен во воена униформа, со шлем, маска и тактички елек – и отвори оган врз полицајците. Тешко рани двајца полицајци, но еден од нив, и покрај сопствените повреди, успеа да го совлада и да го застрела. Напаѓачот потоа беше пренесен во болница со повреди опасни по живот.
За време на истрагата, полицијата откри уште едно злосторство во неговиот роден град Островјец Свјентокшиски, кој се наоѓа на околу два часа возење од Краков. Во семејниот стан беа пронајдени телата на неговиот 52-годишен татко, 51-годишната мајка и 21-годишната сестра; и тие биле убиени со огнено оружје, пред Оксињски да го започне својот смртоносен поход на плоштадот.
/Извор:Makfax


