Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, сподели информации за неговата борба со ракот на простатата, истакнувајќи дека „некои денови се подобри од другите“. Поради здравствената состојба, тој ќе мора да ги ограничи јавните појавувања поврзани со промоцијата на неговите претстојни мемоари, пренесува „Unilad“.
Бајден, чии мемоари со наслов „Promise Me, America“ треба да излезат подоцна овој месец, откри дека „нема да може да учествува во толку дискусии колку што се надевал“. Во детална изјава објавена на социјалната мрежа Икс, 83-годишниот Бајден објасни дека книгата се осврнува на годините додека ја предводел нацијата, како и на предизвиците со кои се соочил.
„Сакам да споделам кратка информација“, започна тој. „Додека ја пишував оваа книга, ми беше дијагностициран рак – болест која им е премногу добро позната на милиони Американци и нивните семејства. Лекарите се охрабрени од тоа како мојот организам реагира на третманот. Молитвите, љубезните зборови и добрите желби од толку многумина од вас значеа повеќе за мене, за Џил и за нашето семејство, отколку што воопшто можете да замислите.“
„Некои денови се подобри од другите. Тоа не ме запре, но понекогаш ме забавува. За жал, тоа значи дека нема да можам да учествувам во толку дискусии за мојата книга колку што се надевав. Сепак, верувам дека зборовите на страниците ќе зборуваат сами за себе“, додаде тој.
На поранешниот претседател му беше дијагностицирана агресивна форма на рак на простатата во мај 2025 година. Лекарите открија јазол на неговата простата по преглед, направен откако станале сè поизразени одредени уринарни симптоми. И покрај дијагнозата, Бајден ѝ порача на американската јавност дека останува позитивен. „Во иднина, ќе продолжам да се држам до она што татко ми ми го кажа одамна: ’Шампионе, кога ќе те соборат, стани повторно‘. Тоа е добра лекција за мене, но и за Америка.“
Објавувањето на мемоарите на Бајден е закажано за 17 ноември.
Новите информации за неговата здравствена состојба доаѓаат неколку месеци откако неговиот син, Хантер, откри дека ракот на неговиот татко метастазирал. Во интервју за Би-би-си во август, Хантер изјави: „Ракот се прошири; метастазираше на коските. Тоа е многу болно и, во многу погледи, исцрпувачко.“/Извор:Makfax


