Земјотрес со магнитуда од 5,7 степени го погоди централниот дел на Јапонија, при што се повредени повеќе од 20 лица. Според Јапонската метеоролошка агенција, потресот бил регистриран во неделата во 1:04 часот по локално време, со жариште на длабочина од околу 40 километри во префектурата Шизуока.
Потресот предизвикал оштетувања на излози и објекти, а дел од граѓаните ги напуштиле зградите во страв од нови земјотреси. Повредени се пријавени во префектурите Аичи и Шизуока. Надлежните не издале предупредување за цунами.
Железничкиот сообраќај бил привремено нарушен, а брзите возови на дел од линијата Токаидо Шинкансен се движеле со намалена брзина поради безбедносни проверки. Јапонските власти предупредуваат на можни дополнителни потреси во следните денови, особено во првите 48 до 72 часа.


